Три лица беа убиени во пукотница во џамија во американската држава Калифорнија, а полицијата објави дека станува збор за злосторство од омраза. Нападот го извршиле двајца тинејџери, кои, според полицијата, по злосторството извршиле самоубиство.
Пукањето се случило во понеделник наутро во Исламскиот центар во Сан Диего, најголемата џамија во округот Сан Диего. Полицијата пронашла три лица со прострелни рани на местото на настанот пред зградата.
Полицијата набрзо ги пронашла двајцата осомничени, на возраст од 17 и 18 години, мртви во автомобил на неколку блока од џамијата. Според полицијата, двајцата починале од самонанесени рани.
Меѓу убиените е и еден чувар на Исламскиот центар, за кого официјални лица велат дека со своите постапки спречил уште поголем број жртви.
„Може слободно да се каже дека неговите постапки беа херојски. Тој несомнено спаси животи денес“, рече началникот на полицијата во Сан Диего, Скот Вал.
Властите сè уште не ги објавија идентитетите на убиените. Според луѓе кои го познавале, обезбедувачот бил татко на осум деца.
Истражителите наведуваат дека мотивот на нападот сè уште не е целосно познат, но дека постојат индикации дека станува збор за злосторство од омраза поради самата локација на нападот и пораките што се поврзани со еден од осомничените.
Полицијата откри дека мајката на еден од напаѓачите го пријавила исчезнувањето на нејзиниот син околу два часа пред пукањето, велејќи дека тој ја напуштил куќата со пријател, неколку пиштоли и нејзиниот автомобил. Таа, исто така, рече дека двајцата биле облечени во камуфлажна облека.
Шефот на полицијата рече дека младиот човек оставил порака што содржела „говор на омраза“, но без конкретни закани против џамијата или одредени лица.
Федералното истражно биро (ФБИ) ги повика граѓаните да достават какви било информации што би можеле да помогнат во истрагата.
Директорот на Исламскиот центар во Сан Диего, имамот Таха Хасане, рече дека е „скандалозно да се напаѓа место за богослужба“.
„Објектот е место за богослужба, а не бојно поле“, рече Хасане.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, изјави дека е ужаснат од насилниот напад и рече дека државата нема да толерира акти на терор или заплашување на религиозни заедници.
Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече инцидентот „ужасен“ и рече дека случајот ќе биде темелно истражен.
