back to top
16.8 C
Skopje
вторник, 6 октомври , 2026

Турски брод потона по напад со дрон во Црното Море, двајца морнари загинаа

Други наслови

Турски товарен брод што превезувал жито од украинско пристаниште бил нападнат од најмалку еден дрон во Црното Море, а потоа потонал откако се запалил. Двајца членови на екипажот загинале, 11 други биле спасени, а едно лице сè уште се води како исчезнато.

Според романските власти, цитирани од „Еуроњуз Романија“, инцидентот се случил во понеделник во рамките на ексклузивната економска зона на Романија, на околу 20 милји од брегот и приближно 9 наутички милји од гасната платформа Пескаруш, пренесува „Телеграф“.

Бродот, идентификуван како „Ројад Мамадов“, во сопственост на турската компанија „МГ Шипинг 5“, пловел под знамето на Свети Китс и Невис. Испловил од украинското пристаниште Измаил, во регионот Одеса, околу три часа пред нападот и се упатувал кон Равена во Италија.

По експлозиите и пожарот на бродот, романските власти започнаа масовна спасувачка операција со употреба на бродови и хеликоптери. 11 членови на екипажот беа извлечени живи, додека по уште еден сè уште се трага.

Тројца морнари, на возраст меѓу 22 и 50 години, беа префрлени со хеликоптер во болницата во градот Констанца. Тие претрпеле повеќекратни трауми, но се во стабилна состојба и се свесни.

Адриан Михалчоиу, претседател на романскиот синдикат на слободни морнари, за „Еуроњуз Романија“ изјави дека, врз основа на информациите што ги добил, бродот бил нападнат со воздушни и поморски дронови.

Тој го опиша „Ројад Мамадов“ како трговски брод кој „нема никаква врска со војната“.

Романските власти сè уште официјално не го идентификуваа сторителот на нападот. Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија, нарекувајќи го инцидентот „ужасен напад“.

Зеленски рече дека две руски беспилотни летала собориле цивилен брод што превезувал пченка во неутрални води. Тој рече дека на бродот имало и државјани на Азербејџан и Индија.

„Украина постојано предлага конкретни чекори за деескалација на ситуацијата и обезбедување безбедност во Црното Море. Имаше и релевантни предлози од трети земји“, напиша Зеленски на платформата X.

„Русија постојано го избира теророт и потонувањето на цивилни бродови пред нормалната поморска пловидба. Потребен е притисок за враќање на глобалната безбедност на храната“, додаде тој.

Турција, членка на НАТО и земја на сопственик на бродот, постојано ги повикува сите страни вклучени во војната да ја гарантираат безбедноста на поморскиот транспорт во Црното Море, вклучително и пловидбата низ Босфорскиот теснец.

Најновиот инцидент следува по серија упади со беспилотни летала во близина на романските пристаништа на Црното Море и нарушувања на воздушниот простор на Романија од страна на руски беспилотни летала во последните месеци.

Во август, борбен авион уништи морнарички дрон полн со експлозив во близина на најголемиот европски офшор проект за гас. Неколку часа претходно, друг дрон влезе во романскиот воздушен простор и се урна во близина на границата со Украина.

Романскиот претседател Никушор Дан потоа ја обвини Русија за инцидентот и го осуди она што го нарече ескалација на „неодговорните инциденти“ од страна на Москва.

Нападот врз Ројад Мамедов ги зголемува загриженостите за безбедноста на цивилните бродови и трговските коридори во Црното Море, една од главните рути за извоз на жито од Украина. 

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести