Четири компании се пријавија на повторениот тендер за набавка на електрични автобуси за јавен превоз во Скопје и други градови во земјата, објави денес министерот за транспорт, Александар Николоски.
„Утрово добив информација дека извештајот ќе го добијам во понеделник. Аплицираа четири компании, а во понеделник јавно ќе ја информираме јавноста со извештајот и наодите во него. Навистина се надевам дека овој пат повикот ќе биде успешен и дека ќе имаме успешна испорака на автобуси. Се надевам дека искуствата од последниот повик ќе бидат и лекција за компаниите, да подготвуваат добра и квалитетна документација“, изјави Николоски, одговарајќи на прашања од новинарите за време на неговата посета на Општина Кисела Вода.
Обновениот тендер заврши во понеделник, а понудите ги разгледуваше комисија за евалуација составена од експерти од Министерството за транспорт и Машинскиот факултет. „Кога ќе го добијам извештајот, ќе го споделам со јавноста“, рече Николоски.
Постапката за набавка беше повторена по откажувањето на претходниот тендер за 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење. Сто автобуси се планирани за Скопје, додека преостанатите 50 за други градови во земјата.
