Витаминот Д е еден од најчесто користените додатоци во исхраната кај возрасните, но многу луѓе не знаат дека навиките во исхраната можат да влијаат на тоа колку телото може да го искористи. Ако редовно земате додатоци и нивото на витаминот во крвта не се зголемува, проблемот може да биде во комбинирањето со одредена храна. Научниците објаснуваат кои намирници не се препорачуваат да се консумираат истовремено со витаминот Д, иако не треба да се елиминираат од исхраната, пишува EatingWell.
Црно кафе
Многу луѓе ги земаат своите додатоци во исхраната наутро, честопати само со шолја црно кафе. Сепак, овој пристап не обезбедува максимална апсорпција на витамин Д.
,,Не би препорачала земање витамин Д со оброк кој воопшто не содржи масти“, вели фармацевтката д-р Даниел Онсер, објаснувајќи: „Витаминот Д е растворлив во масти, што значи дека се раствора во масти, а не во вода. Затоа, телото најдобро го апсорбира кога се зема со оброк што содржи масти.“
Дополнително, некои истражувања сугерираат дека луѓето кои консумираат големи количини кофеин може да имаат пониски нивоа на витамин Д, иако е потребна дополнителна потврда за оваа врска. За подобра апсорпција, земајте го додатокот со оброк, како што е тост со авокадо или кајгана со зеленчук.

Мешунки
Гравот, леќата, наутот и сојата се хранливо богати растителни протеини, но содржат соединенија наречени фитати. Тие можат да се врзат за минерали како калциумот, што го отежнува нивното апсорбирање. Бидејќи една од главните улоги на витаминот Д е да помогне во апсорпцијата на калциум, јадењето мешунки може да ја намали неговата ефикасност.
„Корисно е да се избегнува храна богата со фитати, како што е гравот, истовремено со земање витамин Д“, вели Ерин Персон, доктор по медицина, нутриционист.
Таа додава дека фитатите можеби не се мешаат директно со витаминот Д, но ја ограничуваат апсорпцијата на калциум, кој работи заедно со витаминот Д за одржување на здравјето на коските.
Ова не значи дека треба да избегнувате мешунки, но би било добра идеја да јадете оброк богат со нив еден или два часа пред или по земањето на додатокот.
Спанаќ
Спанаќот е одличен извор на антиоксиданси, витамин К и железо, но содржи и високо ниво на оксална киселина, соединение кое се наоѓа и во блитвата, слаткиот компир и рабарбарата. Оксалната киселина се врзува за калциумот во цревата и формира соли што телото не може да ги вари, што ја намалува количината на апсорбиран калциум.
Иако витаминот Д ја поттикнува апсорпцијата на калциум, оксалатите можат да ја намалат. Ова е особено важно ако земате комбиниран додаток на калциум и витамин Д. Се препорачува додатокот да го земате одделно од голема порција салата од спанаќ или зелен смути.
Алкохол
За разлика од кафето или спанаќот, кај алкохолот не е важно времето на консумирање, туку количината. Прекумерното пиење може да го оштети црниот дроб, орган кој игра клучна улога во претворањето на витаминот Д во форма што телото може да ја користи. Некои заболувања на црниот дроб, исто така, можат да го отежнат апсорбирањето на мастите и витамините растворливи во масти.
Истражувањата покажуваат дека прекумерната консумација на алкохол е поврзана со пониски нивоа на витамин Д. Доколку консумирате алкохол, се препорачува да го ограничите внесот на еден пијалок дневно за жени и до два пијалоци за мажи.

Симптоми и ризици
Консумирањето на овие намирници со витамин Д нема да предизвика симптоми што ќе ги забележите веднаш. Ако нивото на витамини не се подобри и покрај суплементацијата, причината може да биде дозата, недоследноста во нивното земање или медицинска состојба.
„Тоа е тивок проблем што се појавува само неколку недели или месеци подоцна преку крвни тестови, кои откриваат дека нивото на витамини не се подобрило“, објаснува Онсер.
„Ако малапсорпцијата продолжи доволно долго за да предизвика вистински недостаток, возрасните можат да развијат остеомалација, или омекнување на коските, што предизвикува болка и мускулна слабост, но тоа е бавен процес.“
Поголемиот ризик со витаминот Д всушност доаѓа од земање премногу. Бидејќи се складира во масното ткиво, може да се акумулира до опасни нивоа.
„Премногу витамин Д ги зголемува нивоата на калциум во крвта, што може да предизвика гадење, повраќање, губење на апетит, мускулна слабост, конфузија, дехидрација, прекумерна жед, камења во бубрезите, а во екстремни случаи и неправилен пулс“, предупредува Онсер.
Доколку забележите некој од овие симптоми, задолжително посетете лекар.
Комбинации што се важни
Витаминот Д е безбеден за земање со повеќето намирници, но некои можат да ја намалат неговата ефикасност. Мешунките и спанаќот содржат соединенија кои го врзуваат калциумот, намалувајќи ги придобивките од витаминот Д за коските, додека земањето додаток без маснотии, како на пример само со кафе, може да ја ограничи апсорпцијата.
За најдобри резултати, земајте витамин Д со оброк што содржи масти, како што се јајца, авокадо или полномасен јогурт, а оброците со грав и спанаќ закажете ги во различно време од денот. Доколку не сте сигурни дали вашиот додаток делува, разговарајте со вашиот лекар пред да одлучите сами да ја зголемите дозата.
