Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека апликацијата m.Services ќе им овозможи на граѓаните да ја имаат својата лична карта, возачка дозвола и други документи во електронска форма, на едно место на својот мобилен телефон.
„Пред една година, демо верзијата беше промовирана на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопјe. Оттогаш, неколку илјади граѓани ја тестираа апликацијата и добивме повеќе од 200 коментари. Дополнително, за време на анализата што ја спроведовме, идентификувавме неколку аспекти од функционалноста што треба да се подобрат. Вториот важен елемент беше да се договори протокол за размена на податоци со Министерството за внатрешни работи, бидејќи Министерството за внатрешни работи е изворна институција за податоци од лични карти и возачки дозволи“, изјави Андоновски за „360 степени“.
Тој нагласи дека личните карти и возачките дозволи се само почеток во развојот на апликацијата.
„Идејата е m.Services да заживее како супер апликација. Целта не е да бидат достапни само личната карта и возачката дозвола, туку да функционираат како дигитален паричник во кој граѓаните ќе можат да имаат на едно место и други документи што често ги користат, како што се сертификати, дипломи“, рече министерот.
