Британскиот министер за одбрана Џон Хили објави дека Обединетото Кралство ќе придонесе со беспилотни летала, борбени авиони и воен брод во мултинационалната мисија за обезбедување на Ормутскиот теснец.
Тој го објави ова по состанокот со 40 министри за одбрана, каде што беше разговарано за поддршка на мисијата предводена од Велика Британија за заштита на превозот на оваа стратешка рута, која е засегната од иранската блокада.
Според Министерството за одбрана, Велика Британија ќе испрати опрема за автономно расчистување на мини, системи против дронови, авиони „Тајфун“ и бродот „ХМС Драгон“ како дел од одбранбената мисија за обезбедување слобода на навигација.
Хили нагласи дека мисијата е „заштитна“, додавајќи дека целта е да се зголеми безбедноста на комерцијалниот превоз и да се намали влијанието на глобалните конфликти.
Ормутскиот теснец останува затворен за поголемиот дел од поморскиот сообраќај, предизвикувајќи сериозни последици за глобалната трговија, снабдувањето со енергија и цените на храната.
Инаку, се наведува дека Иран поставил илјадници мини во морето каде што се наоѓа Ормутскиот теснец.
