Министерството за надворешни работи на Северна Кореја денес ја осуди одлуката на Соединетите Американски Држави да одобрат продажба на ракети и сродна опрема на Јужна Кореја, ветувајќи дека ќе одговори „силно и веднаш“ на непријателските акти во различни области.
„ Одобрувањето на продажбата на оружје на Јужна Кореја од страна на САД претставува нова закана. Северна Кореја јасно го препознава непријателството на САД кон неа“, соопшти севернокорејската државна новинска агенција KCNA.
Минатата недела, во петок, Стејт департментот објави дека американската влада одобрила потенцијална продажба на ракети воздух-воздух AIM-9X и сродна опрема на Јужна Кореја , истакнувајќи дека предложената продажба ќе помогне во подобрувањето на капацитетите за воздушна одбрана на азискиот сојузник.
Вредноста на воената опрема се проценува на 125 милиони долари.
Јужна Кореја побара купување на 103 тактички ракети AIM-9X Sidewinder Block II и 10 единици за наведување, како и други одбранбени артикли како што се помагала и уреди за обука и резервни делови.
