Доколку се обидувате да ги изгубите висцералните масти, мастите што се акумулираат длабоко во абдоминалната празнина околу вашите внатрешни органи, изборот на ручек е исто така важен. Редовното консумирање храна и пијалоци богати со додаден шеќер и заситени масти е поврзано со поголемо акумулирање на овој вид масти.
Диететичарите велат дека најлошиот ручек за висцерални масти е типичен оброк од брза храна кој вклучува хамбургер или пржено пилешко, помфрит и сладок газиран пијалок.
„Оброкот од брза храна е еден од најлошите избори кога станува збор за висцерални масти“, вели диететичарката д-р Лиза Јанг за EatingWell.
Лорен Харис-Пинкус додава дека засладените пијалоци, пржената храна и црвеното и преработеното месо се поврзани со нивното акумулирање.
Зошто овој вид ручек не е најдобриот избор
Ваквите оброци можат да содржат големи количини калории, додаден шеќер и заситени масти.
,,Еден оброк од ресторан за брза храна може да содржи онолку калории колку што ви се потребни за денот“, предупредува нутриционистката Кели Бургес.
Комбинација од чизбургер или сендвич со пржено пилешко, помфрит и газиран пијалок може да содржи повеќе од 1.100 калории, а обично нуди помалку растителни влакна, овошје и зеленчук отколку поизбалансиран оброк.
Зашеќерените пијалоци и високо преработената храна исто така можат да бидат проблем. Редовното консумирање на зашеќерени пијалоци е поврзано со акумулација на висцерални масти, додека поголем внес на заситени масти може да придонесе за нивно акумулирање. Исхраната богата со високо преработена храна е поврзана со повисоки нивоа на висцерални масти.
За поизбалансиран ручек, Харис-Пинкус препорачува исхрана базирана на растенија, во медитерански стил. Јанг предлага оброкот да вклучува посни извори на протеини како пилешко, риба, тофу или мешунки, заедно со многу зеленчук. Рафинираните житарки може да се заменат со интегрални житарки, како што се кафеав ориз, јачмен, киноа и леб или тестенини од интегрално зрно.
