Американската технолошка компанија „Нвидија“ претстави нов чип за персонални компјутери, со што влезе на потрошувачкиот пазар на уреди интегрирани со технологија за вештачка интелигенција (ВИ).
„Оваа трансформација на компјутерството е исто толку значајна како и трансформацијата на мобилниот телефон во она што денес го знаеме како паметен телефон“, рече извршниот директор на компанијата Јенсен Хуанг, претставувајќи го новиот чип RTX Spark.
Хуанг го најави новиот чип за време на воведното обраќање пред денешното отворање на саемот за технологија Computex во Тајпеј, Тајван.
Во исто време, Соединетите Американски Држави (САД) дополнително ги заострија правилата за продажба на најнапредните чипови на Nvidia на кинески компании.
Компанијата Nvidia на својата веб-страница изјави дека RTX Spark е нов суперчип за ерата на лични агенти со вештачка интелигенција, кој носи нова генерација компјутери и ја менува нивната улога „од алатки до соработници“.
Новиот чип ќе биде инсталиран во нова линија компјутери со оперативниот систем Windows произведени од ASUS, Dell Technologies, HP Inc., Lenovo, Microsoft и MSI.
Се очекува овие модели да се појават на пазарот во текот на есента, додека компјутерите од Acer и Gigabyte Technology ќе следат подоцна.
Со овој потег, Nvidia влегува во директна конкуренција со водечките имиња на пазарот на персонални компјутери, како што се Apple и Intel.
Брзиот развој и популарноста на вештачката интелигенција ѝ помогнаа на „Нвидија“ да стане највредната компанија во светот, со пазарна вредност од повеќе од пет трилиони американски долари.
Министерството за трговија на САД вчера презеде чекори за затворање на потенцијална законска дупка што можеше да дозволи извоз на најсовремени технологии за вештачка интелигенција, вклучувајќи ги и процесорите „Блеквел“ на „Нвидија“, до подружници на кинески компании регистрирани надвор од Кина.
Вашингтон долго време се обидуваше да ги спречи кинеските компании да ги набават напредните компјутерски чипови потребни за развој на клучни технологии за вештачка интелигенција, објави Би-Би-Си.
