Англискиот фудбалер Рахим Стерлинг доживеа голема непријатност минатата сабота во својот дом, во кој влегоа крадци.
Како што објави „Спортс илустрејтид“, Стерлинг се подготвувал да го гледа дуелот помеѓу неговиот тим Челзи и Вулверхемптон во Премиер лигата со своето семејство, кога слушнал звуци на влезот од куќата.
Портпаролот на лондонската полиција во соопштението, објавено преку „Телеграф“, изјави: „Можеме да потврдиме дека Рахим Стерлинг бил жртва на кражба во куќа овој викенд. Исто така, можеме да потврдиме дека тој и неговите деца биле присутни во домот во тоа време“.
Британските медиуми објавија дека Стерлинг се соочил со крадците земајќи кујнски нож и успеал да ги избрка од куќата без тие да украдат ништо вредно.
„Иако ова е екстремно кршење на приватноста и безбедноста, благодарни сме што можеме да потврдиме дека тој и неговите најблиски се безбедни. Ве молиме приватноста на Рахим и неговите најблиски да се почитува во ова предизвикувачко време“, додаде полицијата.
Челзи е свесен за инцидентот и им пружа поддршка на 30-годишникот, неговата долгогодишна партнерка и нивните четири деца – од кои едното е од претходна врска.
На теренот, и покрај тоа што е втор најплатен играч во тимот, Стерлинг во моментов не е дел од плановите на Челзи за првиот тим. Изоставен од 25-члениот состав на „сините“ од Премиер лигата, тој не настапи во ниту едно натпреварување оваа сезона и се чини дека нема иднина на „Стемфорд Бриџ“ и покрај тоа што е под договор до 2027 година.
