Европските земји нема да можат да го надоместат недостатокот на гас откако ќе се откажат од увозот од Русија, а последиците од забраната за руски течен природен гас од 1 јануари 2027 година ќе ги сносат европските потрошувачи преку повисоки цени, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.
Новак, на маргините на меѓународниот форум „Руска недела на енергија“ во Москва, изјави дека можноста за компензација на недостигот од гас е ограничена поради затворањето на Ормутскиот теснец и прекинот на работата на катарската електрана по нападот во март.
„Убедени сме дека засега нема начин да се надомести недостигот. Ормутскиот теснец е затворен, а централата во Катар престана да работи по нападот во март“, рече Новак, пренесе ТАСС.
Тој оцени дека европските политичари „си пукаат во нога“ ако ги забранат испораките на гас, вклучително и оние од Русија, и предупреди дека европските потрошувачи ќе плаќаат повисоки цени.
Новак изјави дека е особено изненаден од одлуката за забрана на увозот на руски течен природен гас од 1 јануари 2027 година, бидејќи европскиот пазар, како што оцени, сè уште не е избалансиран.
Според него, залихите на гас во европските складишта во моментов се за околу десет проценти пониски од просекот за истиот период во претходните години.
Новак додаде дека во текот на првите девет месеци од оваа година, Русија испорачала 12 милиони тони течен природен гас во Европа, што е повеќе отколку во истиот период минатата година.
„Се стекнува впечаток дека нашите европски партнери сакаат да го забрзаат складирањето и да купат повеќе течен природен гас пред 1 јануари 2027 година“, рече рускиот функционер.
Европската Унија донесе забрана за увоз на гас од Русија, која се однесува на долгорочни договори за увоз на течен природен гас (ТПГ) склучени пред 17 јуни 2025 година, а која ќе стапи на сила на 1 јануари 2027 година.
Увозот на руски гас преку гасоводи по долгорочни договори ќе биде дозволен најдоцна до 30 септември 2027 година, односно до 1 ноември 2027 година, за членовите кои ќе имаат тешкотии со полнењето на пропишаните резерви на гас.
