Годишното собрание на Европската слободна алијанса едногласно усвои изјава со која се бара официјално извинување од Бугарија за злосторствата против македонското малцинство за време на комунистичкото владеење, како и спроведување на 14 случаи пред Европскиот суд за човекови права поврзани со регистрацијата на македонски организации во Бугарија, се вели во извештајот на ЕФА.
Во соопштението се оценува дека македонското малцинство во Бугарија се соочува со една од најсериозните кризи во човековите права во рамките на Европската Унија.
Според Европската слободна алијанса, системското угнетување и етничкото негирање со кои се соочуваат Македонците во Бугарија се директно продолжение на политиките за денационализација започнати за време на комунистичкиот режим на Тодор Живков.
Во документот се наведува дека од 1963 година, политиката на негирање на постоењето на македонско малцинство била централен дел од процесите на присилна асимилација на малцинствата во рамките на концептот на „единствена бугарска социјалистичка нација“.
ЕФА нагласува дека македонските заедници денес сè уште се соочуваат со исклучива реторика од современите бугарски политичари, слична на онаа од времето на Живков, според која „Македонците не треба и не можат да постојат“.
