Невообичаен процес што се одвива високо над Јужна Америка и Атлантскиот Океан ги збунува научниците со години.
Европската вселенска агенција (ЕСА) соопшти дека таканаречената Јужноатлантска аномалија – област каде што магнетното поле на Земјата е екстремно слабо – значително се проширила од 2014 година и сега зафаќа површина со големина од речиси половина од европскиот континент.
Магнетниот „штит“ на планетата станува сè послаб
Оваа аномалија не се шири рамномерно. Научниците истакнуваат дека нејзините граници постојано се движат и ја менуваат формата, протегајќи се кон брегот на Африка. Тој процес, предупредуваат експертите, не е само научно интересен, туку и потенцијално опасен за технолошките системи кои зависат од стабилноста на магнетното поле.
Сателитите што минуваат низ оваа зона се изложени на зголемено вселенско зрачење, што може да предизвика дефекти во нивните електронски компоненти, па дури и целосно оштетување на инструментите. ЕСА предупредува дека аномалијата има влијание и врз Земјата – енергетските честички можат да се мешаат во телекомуникациските мрежи, навигациските системи и електричните мрежи. Во екстремни случаи, можни се привремени прекини на сигналот или прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Глобални поместувања на магнетните полови
Јужноатлантската аномалија не е единствениот знак за промени во магнетниот систем на Земјата. Научниците забележуваат слабеење на магнетното поле над северот на Канада, како и постепено поместување на магнетните полови – северниот пол се движи кон запад, а јужниот пол кон исток.
Промените се случуваат бавно, но континуирано, иако се незабележливи во секојдневниот живот. За планетарните научници, тие претставуваат сериозен сигнал дека структурата на јадрото на Земјата и нејзиниот магнетен мантил постепено се менуваат.
Дали Земјата влегува во нов магнетен циклус?
Магнетното поле на Земјата функционира како невидлив заштитен штит што нè штити од вселенското зрачење. Кога тој штит ослабува – како што е случајот во регионот на Јужноатлантската аномалија – сателитите, вселенските летала и летовите на голема надморска височина стануваат поранливи на електромагнетни пречки.
Додека ЕСА и другите светски институции го следат развојот на ситуацијата, клучното прашање останува отворено:
Дали станува збор за привремен природен феномен или знак дека магнетниот систем на Земјата се менува на начин што науката сè уште не го разбира?
Иако конечниот одговор сè уште не е познат, научниците велат дека наредните години ќе бидат клучни за разбирање што се случува длабоко во нашата планета – и високо над неа.
