Сè повеќе луѓе се будат среде ноќ, најчесто помеѓу два и четири часот наутро, а експертите предупредуваат дека причината може да биде стрес, лоши навики за спиење, хормони или здравствени проблеми.
Податоците од британските истражувања покажуваат дека 88 проценти од испитаниците се будат барем еднаш во текот на ноќта, додека 69 проценти од нив најчесто се будат помеѓу два и четири часот наутро. Дополнителен проблем е што на 61 процент од луѓето им е тешко повторно да заспијат потоа, па затоа прекинувањето на сонот често се претвора во исцрпувачка навика, објавува „Метро“ .
Д-р Дебора Ли вели дека стресот и анксиозноста се меѓу главните причини за ноќните будења. Таа објаснува дека кортизолот, хормон на стрес, природно се зголемува во раните утрински часови, но кај луѓето под хроничен стрес, може да се зголеми порано и поостро. Ова го отежнува повторното заспивање и создава циклус на прекинат одмор.
Проблемот може да се влоши и од лоши навики, како што се нередовно одење во кревет, прерано одење во кревет или користење на телефонот пред спиење. Стефани Ромишевски, која се занимава со физиологија на спиењето, советува да станувате во исто време секој ден и да одите во кревет само кога ќе се појави поспаност.
Меѓу можните причини се пад на шеќерот во крвта, консумирање алкохол, хормонални промени за време на менопаузата, перименопаузата и бременоста, како и состојби како што се апнеја, рефлукс, депресија, синдром на немирни нозе или хронична болка.
Доколку проблемот се повторува повеќе од три месеци или е придружен со други симптоми, експертите препорачуваат посета на лекар и, доколку е потребно, лекување на несоницата со когнитивно-бихејвиорална терапија.
