Израел остро реагираше на францускиот претседател Емануел Макрон откако тој ги критикуваше израелските акции на Западниот Брег за време на неговиот говор пред Генералното собрание на Обединетите нации.
Во својот говор во вторник, Макрон ја осуди хуманитарната ситуација во Газа и ги повика земјите да се вратат на почитувањето на меѓународното право и зајакнувањето на системот на Обединетите нации.
Зборувајќи за ситуацијата на Западниот Брег, Макрон рече дека „Хамас никогаш не извршил напад на Западниот Брег“, осврнувајќи се на територијата што Израел ја окупираше во 1967 година и каде што Палестинската самоуправа врши ограничена цивилна контрола.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја нарече изјавата „гротескна апсурдност“, објавува „Телеграф“.
„Неверојатно е колку е далеку од реалноста оваа изјава“, се вели во одговор од кабинетот на Нетанјаху, додавајќи дека милитантите на Хамас извршиле напади врз Израелци на Западниот Брег.
Израелската реакција се однесуваше и на убиството во неделата на израелски доселеник на Западниот Брег, настан што се случи во пресрет на Јом Кипур, најсветиот ден во еврејскиот календар.
Според Израел, жртвата, Нетанел Шукрун, бил татко на шест деца, а имал и француско државјанство.
Израелската војска соопшти дека го уапсила осомничениот Палестинец во болница, а потоа извршила операција во неговото село. Министер во владата на Нетанјаху побара осомничениот да биде погубен според нов закон.
Во меѓувреме, Обединетите нации документираа континуирано насилство од страна на израелските доселеници врз Палестинците и нивниот имот. Според ОН, до средината на 2026 година, во просек се евидентираа околу шест насилни инциденти поврзани со доселениците секој ден на Западниот Брег.
Дури и американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, го критикуваше говорот на Макрон, пишувајќи на мрежата X дека е тешко да се замисли говор „подалеку од реалноста“.
Hard to imagine a more out of touch with reality speech than Macron at UN. @AmichaiChikli corrects the record. Hamas is an evil scourge, and they have killed innocent American citizens.
— Ambassador Mike Huckabee (@GovMikeHuckabee) September 23, 2026
Тој го опиша Хамас како организација која убивала и американски граѓани.
Во својот говор пред ОН, Макрон се фокусираше и на хуманитарната криза во Газа, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на меѓународната заедница доколку не се преземат чекори во врска со ситуацијата таму.
„Каква вредност има нашиот кредибилитет ако останеме пасивни во однос на Газа?“, рече Макрон, додавајќи дека тврдењата за постигнување мир не се придружени со зголемување на хуманитарната помош.
Тој, исто така, го критикуваше она што го опиша како секојдневни прекршувања на Западниот Брег и рече дека овие случувања им го отежнуваат на Палестинците остварувањето на своите права.
Палестинската самоуправа врши делумна граѓанска самоуправа во некои од урбаните области на Западниот Брег, додека Израел контролира поголем дел од територијата.
Хамас ја презеде контролата врз Појасот Газа во 2007 година, две години откако Израел се повлече од територијата и ги демонтираше израелските населби таму.
Односите меѓу Нетанјаху и Макрон долго време се напнати. Франција беше меѓу западните земји кои го поддржаа признавањето на палестинската држава на Генералното собрание на ОН минатата година.
Неодамна, Франција ѝ се придружи на Велика Британија во воведувањето санкции врз производите од израелските населби на Западниот Брег, одлука што предизвика силни реакции од израелската влада.
