back to top
9.8 C
Skopje
среда, 7 октомври , 2026

Летање над Маврово што го одзема здивот: Параглајдинг над езерото стана нова летна атракција (фото)

Други наслови

Маврово ова лето нуди незаборавно искуство за сите љубители на природата, авантурата и адреналинот. Националниот парк Маврово ја збогатува својата туристичка понуда со летови со параглајдер над Мавровското Езеро, овозможувајќи им на посетителите да уживаат во спектакуларни панорамски погледи од птичја перспектива.
Со почетокот на летната сезона, Националниот парк Маврово ги отвора вратите за нови доживувања кои на посетителите им овозможуваат природните убавини на најголемиот национален парк во земјата да ги доживеат на сосема поинаков начин.


Една од најатрактивните содржини ова лето е токму параглајдингот над Мавровското Езеро – авантура која комбинира адреналин, чувство на слобода и неверојатни пејзажи. Од небесните височини се откриваат величествените планински масиви, густите шумски пространства и сините води на езерото, создавајќи глетка која ретко кого остава рамнодушен.
Летовите се реализираат под водство на искусниот пилот Ментор Саити од летачкиот клуб „Кондор“ од Гостивар. Благодарение на неговото долгогодишно искуство и професионален пристап, посетителите можат да уживаат во безбедно и незаборавно воздушно патување над еден од најубавите природни предели во Македонија.

Од Националниот парк Маврово истакнуваат дека продолжуваат активно да работат на развојот на одржлив и активен туризам, со цел да понудат нови содржини кои ќе ги привлечат домашните и странските туристи.
„Маврово е место каде природата, авантурата и слободата се спојуваат во едно. Параглајдингот е уште една можност посетителите да создадат спомени за цел живот и да ја почувствуваат магијата на паркот од една сосема нова перспектива“, порачa Харис Ибраими , директор на Националниот парк Маврово.

За сите кои сакаат да го надминат хоризонтот и да го доживеат чувството на летање, Маврово ова лето нуди искуство што навистина го одзема здивот.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести