back to top
8.8 C
Skopje
вторник, 6 октомври , 2026

Македонија и Албанија со нов протокол за заеднички царински контроли

Други наслови

Царинските управи на Македонија и Албанија ја продлабочуваат соработката со нов Протокол за царински контроли на заеднички гранични премини.

Царинската управа објави дека подобрувањето на управувањето со границите на граничните премини со Албанија, преку поефикасни контроли и олеснување на трговијата, ќе овозможи забрзување на регионалната интеграција во ЕУ.

„Затоа, фокусот на царинските администрации ќе биде на подобрување на царинските процедури што ќе бидат утврдени со новиот Протокол за спроведување на Спогодбата меѓу државите за заеднички гранични премини“, соопшти Царинската управа.

Тие информираа дека делегации од двете царински дирекции, предводени од директорите Бобан Николовски и Бесмир Беја, заедно со високи претставници на ОБСЕ, извршиле инспекција на управувањето со граничниот премин Ќафе Тана, по што се одржал состанок на кој трите страни разговарале за практичната имплементација на Договорот и Протоколот.

„Соработката со Албанија се трансформираше во вистинско партнерство засновано на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничко разбирање дека ефикасното управување со границите е од суштинско значење за економскиот развој, регионалната поврзаност и безбедноста на нашите земји и регионот“, нагласи Николовски, додавајќи дека потпишувањето на Протоколот треба да резултира со намалување на времето на чекање и забрзување на трговските текови, зголемување на довербата на деловната заедница и забрзување на движењето на патници и стоки.

Директорот на Царинската управа на Република Албанија, Беја, нагласи дека ваквите средби се доказ дека напредокот е можен ако двете страни работат заедно.

„Соработката на царинските администрации е најдобар пример за тоа како можеме да ги подобриме условите – и за граѓаните и за деловната заедница во нашите земји. Македонската царинска управа има добра репутација како институција која постигнала најголем напредок. Со Протоколот, ќе ги координираме царинските процеси и ќе ги користиме заедно ресурсите што ни се на располагање, а тоа е токму во насока на подобри контроли и олеснување на трговијата“, изјави Беја.

Раководителот на Програмата за реформа на полицијата и кривичната правда во Мисијата на ОБСЕ во Скопјe, Едвард Андерсон, изјави дека е привилегија да се биде дел од историски настан кој „не само што го унапредува заедничкото дејствување, туку и ја зголемува безбедноста на граѓаните на двете земји“.

Дарко Ангелов, раководител на Одделот за безбедносна соработка во Мисијата на ОБСЕ во Тирана, нагласи дека Протоколот е успешна кулминација на децениска соработка во областа на управувањето со границите, која е изградена и континуирано се подобрува со поддршка на мисиите на ОБСЕ во Македонија и Албанија. Тој додаде дека е поминат долг пат од воспоставувањето на првиот полициски контакт центар за соработка, кој сега е проширен на царинскиот дел на граничниот премин Ќафе Тана“, се нагласува во соопштението на Царинската управа.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести