Германскиот канцелар Фридрих Мерц нема да го поддржи следниот седумгодишен буџет на Европската унија, за периодот од 2028 до 2034 година, освен ако сите земји-членки не се обврзат на долгорочно финансирање за Украина, објави „Фајненшл тајмс“.
Ова, според весникот, е наведено во писмото на Мерц до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Мерц ја услови својата поддршка за буџетот со согласноста на сите земји-членки да учествуваат во покривањето на финансиските потреби на Украина, која следната година ќе има дефицит од 70 милијарди евра.
На Украина ќе ѝ бидат потребни парите и покрај претходно договорениот заем од ЕУ од 90 милијарди евра. Во писмото на Мерц се бара решение кое би му обезбедило на Киев долгорочна поддршка, особено за сервисирање на долгот.
Финансирањето на Украина ќе биде една од главните теми на состанокот на лидерите на ЕУ во Даблин во четврток и петок.
