Компанијата Мета објави дека планира да отпушти околу 10 проценти од вкупната работна сила, што значи дека приближно 8.000 вработени ќе останат без работа. Ова е најновиот бран масовни отпуштања што го погоди технолошкиот сектор, што делумно е поврзано со растечката употреба на вештачка интелигенција, објавува CNN.
Покрај отпуштањата, компанијата ќе укине околу 6.000 моментално отворени работни места. Одлуката беше потврдена во интерно писмо од директорот за човечки ресурси Џанел Гајл, во кое се наведува дека мерката ќе стапи на сила на 20 мај.
Таа изјави дека со овој потег, Мета сака да ја зголеми ефикасноста на работењето и да ги пренасочи средствата кон други инвестиции.
– Го правиме ова како дел од нашите постојани напори за поефикасно водење на компанијата и за ослободување на средства за други инвестиции што ги правиме – се наведува во писмото.
Милијарди долари во вештачка интелигенција
„Мета“, како и другите големи технолошки компании, неодамна инвестираше огромни суми пари во развој на вештачка интелигенција. Во текот на 2025 година, компанијата потроши 72,2 милијарди долари за капитални расходи, вклучувајќи центри за податоци и инфраструктура за вештачка интелигенција.
Според најавите, оваа сума би можела да порасне на најмалку 115 милијарди долари во 2026 година, според финансискиот извештај на компанијата од јануари.
Компанијата истовремено агресивно инвестира во привлекување експерти во својата лабораторија за суперинтелигенција, како и во купување стартапи за вештачка интелигенција како што се Moltbook и Manus, со цел зајакнување на конкуренцијата против фирми како OpenAI. Откако беше објавена веста, акциите на Meta паднаа за повеќе од 2 проценти.
Тренд на отпуштања во технолошкиот сектор
Слични потези беа забележани и во други големи компании. Во јануари, „Амазон“ објави укинување на 16.000 работни места, додека финтех фирмата „Блок“ отпушти околу 40 проценти од своите вработени, или повеќе од 4.000 работници, во февруари.
Сè повеќе, компаниите како причина ја наведуваат поголемата ефикасност овозможена од вештачката интелигенција.
Закерберг најави промени
Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, претходно изјави дека развојот на вештачката интелигенција би можел значително да ја промени структурата на работната сила во компанијата.
За време на презентацијата на деловните резултати во јануари, тој ја нарече 2026 година период во кој вештачката интелигенција ќе почне драстично да го менува начинот на работа.
– Почнуваме да сфаќаме дека проектите за кои претходно беа потребни големи тимови сега можат да бидат реализирани од една исклучително талентирана личност – рече Закерберг.
„Мета“ објави дека ќе им исплати на вработените во Соединетите Американски Држави отпремнина во износ од 16 недели основна плата, со дополнителни две недели за секоја година стаж, додека слични пакети ќе важат и за работниците во други земји.
Продолжување на реструктуирањето
„Мета“ претходно отпушти голем број работници. Во текот на 2022 и 2023 година, компанијата укина десетици илјади работни места, што го оправда со оптимизација по период на брзо вработување за време на пандемијата.
Минатата година беше најавено дополнително намалување од околу 5 проценти на вработените кои беа оценети како „најмалку успешни“, со план некои од позициите повторно да се пополнат подоцна.
