Мишел Рок (52) од Белфаст, Ирска мислела дека влегува во менопауза на 42 години. Наместо тоа, таа била пречекана со шокантно изненадување – бременост за која дознала дури во 33-тата недела.
Денес, нејзината единствена ќерка, Рајли, е на училиште, а Мишел ја испраќа секое утро како една од најстарите мајки во дворот.
– Двапати ме прашаа дали сум баба или мајка на Рајли. Знаев дека тоа ќе се случи во еден момент, па сето тоа ме насмеа повеќе отколку што ме повреди – рекла Мишел.
Нејзината деветгодишна ќерка воопшто не се грижи за разликата во годините. Таткото на Рајли е поранешен партнер на Мишел и повеќе не е дел од нивните животи.
Патот до мајчинството беше тежок
Патот до неочекувано мајчинство беше исклучително тежок . Кога имаше 40 години, на Мишел ѝ беше дијагностициран Хоџкинов лимфом, по што беше подложена на шестмесечна хемотерапија. По третманот, таа се плашеше дека никогаш нема да може да се оствари како мајка.
– Бев скршена. Но, лекарите ми кажаа дека една млада жена родила дете по истата терапија, па сè уште имаше зрак надеж – се сеќава таа.

Во 2016 година, кога имала 42 години, менструацијата ѝ станала нередовна, се здебелила и се чувствувала постојано уморна. Сè го припишала на раната менопауза и последиците од третманот.
– Чувствував чудни движења во стомакот, како некои меурчиња – рече Мишел.
Дури тројца луѓе ја прашале во тој период дали е трудна, но таа ги убедила дека тоа е невозможно.
Прегледот што промени сè
Таа отишла на лекар поради висок крвен притисок, а ултразвукот сè променил за секунда.
– Го слушнавме чукањето на срцето на мојата ќерка. Очите ми се раширија, устата ми остана отворена… Тоа беше најголемиот шок во мојот живот. Вриснав од среќа дека ќе станам мајка – откри таа.
Имала само шест недели за подготовка. Ќерката се родила еден месец подоцна – две недели пред терминот, но за среќа, без никакви компликации.

Денес, Мишел не жали за ништо.
– Поуморна сум отколку што би била да бев помлада, но исто така сум позрела и поискусна. Рајли ме одржува млада и внесува толку многу смеа во мојот живот. Без неа, би била целосно изгубена – заклучува оваа среќна мајка.
