Американски сенатор бара оставка од извршниот директор на „Нвидија“, Јенсен Хуанг, поради афера со Кинескиња.
Американскиот републикански сенатор Кевин Крамер го повика извршниот директор на „Нвидија“, Џенсен Хуанг, да поднесе оставка поради обвинувањата за неговата афера со кинеска бизнисменка за која американските разузнавачки агенции се сомневаат дека има врски со кинеската разузнавачка служба.
„Можноста за уцена е толку голема што мислам дека некој на чело на компанија која има толку чувствителна технологија како што се чиповите на Nvidia мора да си замине“, изјави Крамер за Политико.
Тој процени дека дури и вонбрачна врска со жена која можеби е, а можеби и не е, кинески шпион би претставувала безбедносен ризик, бидејќи не е познато што друго би можело да се открие.
Според „Њујорк тајмс“, одборот на директори на „Нвидија“ започнал внатрешна истрага по обвинувањата дека Хуанг имал афера со бизнисменка за која американските безбедносни службеници се сомневаат дека работи за кинеската разузнавачка служба.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник изјави дека Федералното истражно биро (ФБИ) исто така го истражува случајот.
Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата за шпионажа како неосновани и обид за оцрнување.
„Нвидија“ изјави дека нејзиниот одбор на директори нема причина да верува дека националната безбедност на САД или трговските тајни на компанијата се во опасност и дека Хуанг вети дека ќе соработува во внатрешната истрага.
Хуанг им признал на вработените дека ѝ бил неверен на сопругата, но не објаснил повеќе за природата на врската.
Директорот на „Нвидија“ е еден од најблиските сојузници на претседателот Трамп во Силиконската долина и постојано ги поддржуваше политиките на неговата администрација во текот на изминатите две години, со чести посети на Вашингтон, додека компанијата се обидуваше да обезбеди продажба на напредни чипови на кинескиот пазар.
Во меѓувреме, демократите побараа построги ограничувања за извоз на чипови во Кина.
Трамп рече дека разговарал со Хуанг, кој му рекол дека не знае дека жената со која е во врска наводно е шпионка, додавајќи дека му верува на извршниот директор на „Нвидија“.
