Ако мислите дека го знаете најексклузивното место во Италија, можеби ќе се изненадите. Не станува збор за луксузен ресторан, бар или клуб, туку за целиот остров Монте Кристо. Ова изолирано место е толку заштитено што пристапот за посетителите е строго ограничен.
Островот Монте Кристо се наоѓа во Тиренското Море, во покраината Ливорно, и е дел од тосканскиот архипелаг, заедно со познатите острови Елба, Џиљо и Капреа.
Поради богатата флора и фауна, Монте Кристо е под строга заштита. На островот живеат само неколку луѓе , кои се грижат да го зачуваат неговото природно богатство. Риболовот е забранет, како и слободниот пристап до брегот.
Сепак, во одреден период од годината, островот е отворен за ограничен број посетители , но за влез е потребна посебна дозвола.
За време на посетата, можно е да се престојува во главното пристаниште Кала Маестри, додека обиколката на островот е организирана исклучиво во придружба на стручни водичи. Бројот на посетители е строго ограничен, а приоритет им се дава на научни експедиции и училишни групи.
Токму поради овие правила, Монте Кристо е еден од најнепристапните, но и најинтересните острови во Италија .
Островот што го прослави Дима крие тајна што многумина сакаат да ја видат
Овој остров го направил познат францускиот писател Александар Дима, а дел од заплетот на неговиот авантуристички роман „Грофот од Монте Кристо“ од 1844 година се одвива на него. Главниот лик, Едмон Дантес, на островот наоѓа закопано богатство кое ќе му овозможи да го спроведе својот план за одмазда.
Ако сакате да го посетите овој магичен остров, ќе мора да бидете многу трпеливи. Откако ќе поднесете барање до полицијата, потребни се околу три месеци за да добиете дозвола, а потоа мора да чекате уште три години за да ви дојде редот за турата.


