Освен должината на спиењето, за здравјето е важно и времето што го поминуваме во одредени фази од спиењето, според обемна студија објавена во научното списание PLOS Medicine.
Истражувачи од Универзитетот во Пекинг и Медицинскиот универзитет „Капитал“ во Пекинг откриле дека подолгиот РЕМ сон е поврзан со помал ризик од дури 83 болести.
Студијата опфати 95.559 возрасни лица од базата на податоци на UK Biobank, со просечна возраст од 56 години. Учесниците носеа нараквица со акцелерометар седум дена и ноќи, а научниците ги анализираа фазите на спиење со алгоритми за длабоко учење. Потоа го следеа нивното здравје во просек од речиси девет години и анализираа повеќе од 1.000 болести.
Според резултатите, секои дополнителни 47,6 минути REM спиење биле поврзани со 26 проценти помал ризик од срцева слабост и 46 проценти помал ризик од деменција. Ризикот од паркинсонизам, или збир на симптоми карактеристични за Паркинсоновата болест, бил помал за дури 80 проценти.
РЕМ е фазата на спиење во која имаме најживописни соништа, а мозокот е многу активен во тоа време.
Длабокиот сон бил поврзан со помал ризик од седум состојби, вклучувајќи дијабетес тип 2, големо депресивно растројство и Паркинсонова болест. За Паркинсонова болест, ризикот бил за 30 проценти помал.
Од друга страна, нередовниот сон и подолгите будења во текот на ноќта беа поврзани со поголем ризик од неколку состојби, вклучувајќи ја и анксиозноста.
Кога станува збор за времетраењето на спиењето, најмал ризик од 69 болести е забележан кај луѓе кои спиеле помеѓу шест и осум часа. Спиењето помалку од пет часа е поврзано со поголем ризик од 37 болести.
„Одржувањето на времетраењето на спиењето од шест до осум часа може ефикасно да го намали ризикот од бројни болести“, велат авторите во соопштението за медиумите.
Сепак, тие нагласуваат дека ова е опсервациска студија. Таа покажува поврзаност, но не докажува дека лошиот сон директно предизвикува болести. Некои болести можат да го нарушат сонот со години пред да бидат дијагностицирани. Покрај тоа, спиењето било мерено само една недела, со уред на раката, а учесниците во британската база се во просек поздрави од општата популација.
