Основниот кривичен суд во Скопјe го ослободи поранешниот премиер Никола Груевeски од обвиненијата во случајот „Талир 2“, кој вклучуваше пречекорување на службените овластувања и незаконско финансирање на изградбата на седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Судијката Даниела Алексовска, при објавувањето на пресудата, изјави дека во овој случај треба да се земат предвид измените на Кривичниот законик од 2023 година, како и последователната измена на обвинителниот акт.
„Иако имаше промени во обвинителниот акт, немаше промени во доказите и фактите изнесени пред судот. Судот оценува дека Обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека обвинетиот Никола Груевски сторил злоупотреба на службената должност“, рече Алексовска.
Таа нагласи дека Судот целосно го прифатил ставот на Апелациониот суд, според кој измените во Кривичниот законик се во директна корист на обвинетите.
Според неа, ослободителната пресуда е резултат на измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година, што доведоа и до укинување на првата пресуда во овој случај.
„Иако оваа пресуда е различна од претходната, анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците на судот останаа непроменети. Со истите докази, врз основа на кои претходно беше утврдено дека делото е сторено со злоупотреба на службената положба и овластувања, судот сега оценува дека не е докажано надвор од разумно сомнение дека делото е сторено со пречекорување на овластувањата или неизвршување на службените должности“, изјави Алексовска.
Таа додаде дека судот останува доследен во својата анализа и евалуација на доказите, засновајќи ги одлуките само врз утврдените факти.
На соопштувањето на пресудата во скопскиот Кривичен суд присуствуваа адвокатите на Груевски, Петар Тимовски и на ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Маневска, како и застапничката на партијата, адвокатката Лубица Николовска.
Трошоците за судската постапка ќе бидат покриени од државниот буџет, додека судот го отфрли и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Одлуката е од прв степен и страните имаат право да се жалат до повисоките судови.
Во април годинава, случајот „Талир 2“ го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од Основното јавно обвинителство во Скопје, по оставката на обвинителката Ленче Ристовска.
Апелациониот суд во Скопјe во јануари 2024 година ја поништи првата пресуда во случајот „Талир 2“, поради измени во Кривичниот законик во однос на членот 353, и го врати предметот на повторно судење во прв степен.
Во меѓувреме, делото „злоупотреба на службена положба“ против поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, застари, додека постапката продолжи против поранешниот премиер Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
