Сè повеќе истражувања покажуваат дека физичката активност може да го намали ризикот од рак, но и да им помогне на пациентите да спречат враќање на болеста по третманот.
Клиничко испитување минатата година покажа дека пациентите со рак на дебело црево кои учествувале во тригодишна програма за вежбање имале помала веројатност да ја добијат болеста повторно и имале повисока стапка на преживување . Се вели дека една од причините е тоа што вежбањето ја зголемува активноста на имунолошките клетки кои се борат против ракот.
„Доколку имавме лек со ваков опсег на придобивки, тој веднаш ќе станеше стандард на здравствена заштита и ќе го финансираа осигурителните компании“, изјави за „Њујорк тајмс“ д-р Кристофер Бут, онколог и професор на Универзитетот Квинс во Кингстон.
Според Центарот за рак „МД Андерсон“ при Универзитетот во Тексас, вежбањето може да го намали и воспалението и нивото на инсулин, кои се поврзани со одредени видови на рак.
Експертите истакнуваат дека се потребни дополнителни истражувања за подобро да се разберат процесите во телото за време на вежбањето кај пациенти со рак, но дека сегашните докази укажуваат на придобивките од физичката активност.
Карен Басен-Енгквист, директорка на Центарот за енергетска рамнотежа во превенцијата од рак и закрепнувањето на пациентите во МД Андерсон, објасни:
„Науката покажува дека вежбањето за време на третманот на рак ги ублажува заморот, анксиозноста и депресијата и го подобрува квалитетот на животот и физичката функција“, рече таа.

Според повеќето упатства, пациентите со рак, без оглед на возраста, треба да бидат физички активни околу 30 минути на ден , со комбинација од вежби за сила и аеробни активности. Не мора да вклучува интензивен тренинг. Одењето, на пример, беше поврзано со подобар квалитет на живот и помалку замор во студија на повеќе од 1.700 пациенти со рак на дебелото црево, додека јогата може да помогне во подобрување на сонот, намалување на анксиозноста и подобрување на расположението.
Вежбањето може да помогне и во ублажување на таканаречениот „хемомозен“, односно когнитивните тешкотии што се јавуваат за време на хемотерапијата. Физичката активност го подобрува протокот на крв, го намалува воспалението и ги поддржува процесите на учење и меморија.
Студија од 2021 година на пациенти со рак на дојка покажа дека вежбањето до 150 минути неделно пред да започне хемотерапијата може да помогне во спречување на когнитивно оштетување поврзано со третманот.
Кај пациенти со рак на дојка, физичката активност може да го намали ризикот од лимфедем, односно оток на рацете и нозете, како и други компликации по третманот, според информациите од клиниката Мајо.
Д-р Андреа Л. Шевил од клиниката Мајо во февруари рече:
„Постојат многу програми за вежбање за кои е докажано дека даваат голем број позитивни резултати кај пациенти со рак на дојка.“
