Меѓународно испитување во 11 земји покажа дека вакцината наречена Амивантамаб предизвикала силен одговор кај пациенти со напреднат рак кои не реагирале на претходни третмани, пишува Гардијан.
Лекот бил тестиран кај пациенти чиј рак се проширил или се вратил по претходен третман. Во студијата, 102 пациенти со рак на мозок и врат ја примиле инјекцијата, а туморите се намалиле или целосно исчезнале кај 43 лица.
Меѓу нив, 28 имале значително намалување на туморот, додека кај 15 пациенти, лекарите утврдиле дека туморите се целосно отстранети.
„Ова се невидено силни одговори кај пациенти чија болест станала отпорна и на хемотерапија и на имунотерапија“, рече професорот Кевин Харингтон, професор по биолошки терапии за рак на Институтот за истражување на ракот во Лондон и консултант онколог во Фондацијата Ројал Марсден на НХС.
Тој додаде дека третманот има потенцијал да им користи на илјадници пациенти секоја година.
Истражувачите велат дека амивантамаб делува на три начина: го блокира EGFR, протеин кој им помага на туморите да растат, го блокира MET, пат по кој клетките на ракот често го избегнуваат третманот и го активира имунолошкиот систем да го нападне туморот.
Слични резултати се пријавени кај пациенти со рак на белите дробови, а лекот на „Џонсон и Џонсон“ моментално се оценува во околу 60 клинички испитувања.
Еден од пациентите во студијата OrigAMI-4 беше Карл Волш од Бирмингем, на кого му беше дијагностициран рак на јазикот во мај 2024 година.
По неуспешна хемотерапија и имунотерапија, тој се приклучи на испитувањето во јули 2025 година и изјави дека неговата состојба значително се подобрила.
„По само два циклуса третман, мојата исхрана почна да се враќа во нормала, а по шест месеци јадев сосема нормално“, изјави тој за Гардијан.
За разлика од многу терапии за рак, Амивантамаб се администрира поткожно еднаш на секои три недели, наместо преку интравенска инфузија, што го прави третманот побрз и поудобен за амбулантски услови.
Повеќето несакани ефекти биле благи до умерени, а помалку од еден од десет пациенти морале да го прекинат третманот. Пациентите кои го примале лекот живееле во просек 12,5 месеци по започнувањето на терапијата, иако станува збор за сериозна форма на рак со лоши исходи кога стандардните третмани престануваат да делуваат.
