Основното јавно обвинителство во Скопје покрена постапка против 44-годишен жител на Скопје за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело „Предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик, а јавниот обвинител предложи мерка притвор.
Како што информира Јавното обвинителство, на 15 јуни, околу 12:00 часот, на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопјe, пред Амбасадата на Република Бугарија, тој предизвикал значителна опасност по животот и телото на луѓето и по имотот од поголеми размери со палење пожар.
„Критичниот ден, тој ја напуштил куќата, се качил во автобусот и дошол во Центарот, а од бензинската пумпа во близина на бугарската амбасада наполнил пластично шише со бензин. Потоа го преминал патот и се приближил до две паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата, кои ги испрскал со бензин и ги запалил со запалка. Веднаш по предизвикувањето на пожарот, го напуштил местото на настанот“, соопшти Јавното обвинителство.
Имајќи го предвид видот, природата и тежината на предметното кривично дело, фактот дека е извршено врз две дипломатски возила напладне, во центарот на Скопјe, во период кога фреквенцијата на луѓе и возила во овој дел од градот е голема, јавниот обвинител оцени дека постојат очигледни околности што укажуваат дека постојат услови за определување мерка притвор и му предложи на Судот да определи таква мерка за безбедност во текот на постапката.
