Општина Кочани ја објави програмата за одбележување на првата годишнина од трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“. Планираните содржини имаат духовен и комеморативен карактер. Ќе бидат презентирани и културни настани. Програмата започнува на 14 март и ќе се одвива до 16 март на различни локации.
На 14 март ќе се одржи служба во црквата „Св. Великомаченик Ѓорѓи“ во Кочани. Во 8:00 часот ќе се одржи литургија за починатите, а во 9:30 часот ќе следи општа панихида. Во 10:45 часот на Градските гробишта ќе се одржи триделна погребна служба за жртвите од трагичниот пожар кај „Пулс“.
За 15 март се планирани неколку спортски и културни активности. Во 9:00 часот се планирани рекреативна трка и велосипедска тура на релацијата Штип – Кочани во чест на 63-те млади луѓе кои ги загубија животите. Во исто време, на патот кон Пониква ќе започне првиот комеморативен пешачки марш „Ивона Антова и 63 ангели“.
Истиот ден, со почеток во 10:00 часот, ќе се одржи кошаркарски турнир меѓу повредените во трагедијата во спортската сала во средното училиште „Кочани“.
