Кинескиот претседател Си Џинпинг одржа свечена церемонија за добредојде на американскиот претседател Доналд Трамп пред Големата народна сала во Пекинг, со црвен тепих, воен оркестар, гарди и поздрав на плоштадот Тјенанмен.
Автомобилската поворка на Трамп пристигна во Големата народна сала во 10:01 часот по локално време, речиси точно на распоредот, а американскиот претседател излезе од возилото две минути подоцна, облечен во темно одело со црвена вратоврска, објави „Гардијан“.
На врвот од скалите во салата го пречека кинескиот претседател, по што двајцата лидери се ракуваа неколку секунди.
„Партнери, а не соперници“
Двајцата претседатели ја започнаа средбата во Пекинг со пораки за зајакнување на соработката меѓу двете земји.
По церемонијата на добредојде, двете делегации започнаа разговори во Големата народна сала, седнувајќи на долга маса обвиткана со кинески и американски знамиња на крајот од просторијата, објави „Гардијан“.
Во своето воведно обраќање, Си рече дека отсекогаш верувал оти заедничките интереси на Кина и САД ги надминуваат нивните разлики и оцени дека успехот на едната земја е можност за другата.
„Стабилните односи меѓу Кина и САД се благодет за светот. Соработката им користи на двете страни, додека конфронтацијата е штетна. Треба да бидеме партнери, а не соперници“, рече кинескиот претседател.

Тој додаде дека глобалната стабилност е поврзана со стабилноста на односите меѓу Вашингтон и Пекинг, наведувајќи дека светот е „на нова раскрсница“, обележана со турбуленции и неизвесност.
За време на своето обраќање, Си го спомена и концептот на „Тукидидовата стапица“, односно теорија во меѓународните односи што ја опишува опасноста од војна кога сила во подем почнува да се заканува на доминантна светска сила и првенствено се користи за да се опише потенцијален конфликт меѓу САД и Кина.
Со тоа тој предупреди на опасноста од конфликт помеѓу сила во подем и веќе воспоставена сила.
Тој рече дека меѓународната заедница се прашува дали Кина и САД можат да избегнат такво сценарио и да развијат нов модел на односи меѓу големите сили.
„Голем водач“
Американскиот претседател изјави дека односите меѓу двете земји ќе бидат „подобри од кога било“.
„Ќе имаме фантастична иднина заедно. Чест ми е што сум со вас. Чест ми е што сум ваш пријател, а односот меѓу Кина и САД ќе биде подобар од кога било досега“, рече Трамп.

Тој истакна дека „го познава кинескиот лидер долго време“ и го нарече Си „голем лидер“.
„Им кажувам на сите дека сте одличен лидер. Понекогаш на луѓето не им се допаѓа она што го кажувам, но сепак го кажувам, бидејќи е вистина“, рече Трамп , обраќајќи му се на кинескиот претседател.
„Многу опасна ситуација“
Си Џинпинг му рекол на Доналд Трамп дека прашањето за кинескиот регион Тајван би можело да доведе до конфликт меѓу Кина и Соединетите Американски Држави ако „се третира неправилно“, објавија кинеските државни медиуми.
За време на билатералниот самит со Трамп во Пекинг, Си рече дека кинескиот регион Тајван е „најважното прашање во односите меѓу Кина и САД“, според кинеската државна телевизија CCTV.

„Доколку се постапува неправилно, двете нации би можеле да дојдат во конфликт, па дури и да се судрат, туркајќи ги сите односи меѓу Кина и САД во многу опасна ситуација“, рече кинескиот претседател, објави Си-Ен-Ен.
Трамп е во државна посета на Кина, прва посета од 2017 година.
