Папата Лав XIV бил удрен во окото од предмет што личел на бројаница додека неговиот папски автомобил се движел низ толпи луѓе во Перу во понеделникот.
На снимката се гледа како 71-годишниот папа си го трие окото откако кон него бил фрлен предметот, непосредно пред завршната миса во воздухопловната база Лас Палмас.
Сепак, Папата успеа да продолжи со својата агенда и се чини дека не претрпел никакви повреди, објавува „Телеграф“.
„Моето патување завршува, но мисијата продолжува“, им рекол Лав XIV на присутните подоцна.
„На крајот од ова апостолско патување, и јас сакам да ве зајакнам во верата и љубовта и да ве уверам дека секогаш ќе ве држам со мене. Да, перуанскиот народ е исто така мој народ!“, додаде тој.
Јужноамериканската турнеја на папата вклучуваше и посети на Уругвај и Аргентина. Патувањето се случи само неколку недели откако тој беше подложен на операција на десниот бел дроб во Рим, откако му беше дијагностициран еден вид рак на белите дробови.
Во октомври, Ватикан објави дека за време на операцијата е отстранет „долниот лобус на десниот белодроб“. Исто така, беше потврдена дијагнозата за белодробен аденокарцином, за кој се сомневаа преку предоперативни прегледи.
Лекарите подоцна изјавија дека рендгенската снимка на градниот кош покажала „добро закрепнување“ на засегнатите бели дробови. Сепак, интервенцијата покрена прашања за можноста за патување во Јужна Америка.
Појавувањето на папата за време на посетата се чини дека ги намали загриженостите за неговото здравје и процесот на закрепнување.
За време на престојот во Перу, Лав XIV имал можност да го посети и Чиклајо, градот каде што живеел и работел прво како мисионер, а потоа како епископ. Таму отслужил миса на отворено, на која присуствувале околу 500.000 луѓе.
Папата, роден во Чикаго, САД, има и перуанско државјанство, бидејќи служел во оваа земја многу години
