Музичарот Нил Јанг поднесе тужба од 10 милиони долари поради користењето на неговата песна „Rockin’ in the Free World“ за време на предизборните митинзи на претседателот Доналд Трамп.
Тужбата е поднесена шест години откако беше постигната спогодба во спорот за истата песна, објави денес списанието „Вераџети“.
Јанг поднесе тужба против политичкиот комитет на Доналд Трамп , Комитетот Трамп 47, за повреда на авторските права поради континуираната употреба на неговата песна како сценска музика на претседателот за време на предизборните митинзи.
Јанг првпат го тужеше Трамп за неовластено користење на песната во 2020 година, кога спорот беше решен.
Сепак, Трамп продолжил да ја пушта песната, кршејќи ги условите на таа спогодба, според тужбата на Јанг.
Во тужбата се наведува дека класикот од 1989 година е „жестока химна што ги контрастира празните ветувања на американската политичка реторика со суровата реалност со која се соочуваат сиромашните, бездомниците и заборавените луѓе“.

Како што се додава, „оваа песна е токму спротивното од сè што претставува Доналд Трамп“.
Во тужбата се бара судска забрана за понатамошни јавни изведувања на песната за политички цели, како и надомест во износ од 10 милиони долари за нејзина претходна употреба.
Јанг е еден од најгласните музичари кој јавно изрази силно противење на Трамп, па затоа е тешко да се утврди дали претседателот продолжува да ја користи најпознатата антирепубликанска песна на Јанг од незнаење или го прави тоа намерно за да го провоцира рокерот, пишува списанието.
