back to top
10.8 C
Skopje
четврток, 8 октомври , 2026

„Предлогот на Трамп од 5.000 долари е лекомислено ветување“

Други наслови

Лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Хаким Џефрис, денес го отфрли како лекомислено ветување на претседателот Доналд Трамп.

Имено, претседателот на САД вети дека секој возрасен граѓанин на таа земја ќе добие 5.000 долари доколку републиканците ја задржат контролата врз двата дома на Конгресот на ноемвриските избори, а Џефрис оцени дека Трамп не ги исполнил своите претходни ветувања за намалување на трошоците за живот.

„Тоа не беше сериозен предлог што го даде Доналд Трамп. Тој ги прекрши сите ветувања што ги даде“, рече Џефрис во интервју за ABC News.

Џефрис процени дека Американците сè уште ги чувствуваат последиците од високите трошоци за живот, наведувајќи дека цените не се намалени и покрај ветувањето на Трамп дека ќе ги намали веднаш по преземањето на функцијата претседател за втор мандат.

Тој додаде дека гласачите на изборите ќе одлучат и за последиците од американското вклучување на Блискиот Исток, за кое процени дека придонеле за зголемување на цените на горивата.

Џефрис рече дека приоритет на демократите е да ја вратат контролата врз Претставничкиот дом на изборите на 3 ноември.

„Нашата единствена мисија е да ја вратиме контролата врз Претставничкиот дом“, рече тој, додавајќи дека демократите потоа ќе работат на намалување на трошоците за живот, гориво, храна и домување, како и на тоа здравствената заштита да биде подостапна.

На прашањето дали очекува да стане претседател на Претставничкиот дом доколку демократите освојат мнозинство, Џефрис не одговори директно, но повтори дека во моментов е фокусиран на освојување на мнозинството во Конгресот.

Во четврток, на републиканската конвенција во Далас, Тексас, Трамп рече дека доколку републиканците победат на ноемвриските избори, секој возрасен американски граѓанин ќе добие 5.000 долари.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести