Британскиот актер Роберт Патинсон е официјално избран за новиот Џејмс Бонд, објави „Варајети“. Со ова заврши повеќемесечната потрага на „Амазон МГМ“ по наследник на Даниел Крег.
Патинсон ја презема улогата на агент 007 од Даниел Крег, кој го играше Бонд во пет филма, почнувајќи со „Казино Ројал“ од 2006 година. Последен пат се појави во „Нема време за умирање“ од 2021 година, во кој Бонд го жртвува својот живот за да го спаси светот од тајна глобална терористичка организација. Тоа беше и последниот филм од серијалот пред долгогодишните продуценти Мајкл Г. Вилсон и Барбара Броколи да ја продадат креативната контрола врз франшизата на Amazon MGM.
Според „Варајети“, шпекулациите за новиот Бонд доминираа во медиумите и филмската индустрија во изминатиот месец, а неколку актери се менуваа како фаворити. Џејкоб Елорди првично беше споменат, но подоцна беше откриено дека ѕвездата од „Еуфорија“ дури и не се пријавила на аудиција.
Џек Лоуден изгледаше како сигурен избор, а на почетокот на септември неговиот колега од „Бавни коњи“ тврдеше дека Бонд веќе е избран и додаде дека држи палци вкрстени за Лоуден. Потоа беше засенет од Калум Тарнер, кој изгледаше како речиси сигурен избор сè додека не се откри дека Патинсон и Николас Холт исто така се пријавуваат на аудиција. Џош О’Конор, Том Френсис, Арон Тејлор-Џонсон, Харис Дикинсон, па дури и Хари Стајлс беа исто така во игра.
„Варајети“ проценува дека Патинсон е речиси сигурно најбараната филмска ѕвезда оваа година, што го потврдуваат и заработката од неговите филмови. „Драмата“, во која глуми со Зендаја, заработи 134 милиони долари низ целиот свет со буџет од 28 милиони долари, а „Прајмтајм“, во кој го играше телевизискиот водител Крис Хансен, заработи 61 милион долари со буџет од 18 милиони долари.
Патинсон го играше Антиној во „Одисеја“ со заработка од 1,8 милијарди долари, а глуми и во „Дина: Трет дел“, кој излегува во декември. Тој филм е режиран од Денис Вилнев, кој ќе го режира и новиот филм за Бонд, па „Варајати“ шпекулира дека Патинсон можеби ја добил улогата затоа што го импресионирал четирикратниот номиниран за Оскар.
Актерот има искуство и со големи франшизи. Првпат го играше Бетмен во 2022 година во „Бетмен“ на Мет Ривс, а ќе се врати во Готам во продолжението во 2028 година. Обврските за таа улога често се наведуваат како причина зошто не можеше да го игра Бонд, но по неколку одложувања на „Бетмен II“, се чини дека е подготвен за нова долгорочна улога, објавува „Варајети“.
„Амазон МГМ“ го назначи Вилнев, режисер на филмовите „Сикарио“, „Пристигнување“ и „Затвореници“, да го режира новиот филм за Бонд во јуни 2025 година. Во тоа време, тој рече дека е „закоравен обожавател на Бонд“ и дека планира да „го отвори патот за многу нови мисии“.
