back to top
9.8 C
Skopje
среда, 7 октомври , 2026

Рокас: Се надевам дека ќе се постигне консензус за измени во Изборниот законик

Други наслови

Евроамбасадорот Михалис Рокас се надева дека денес ќе се постигне консензус меѓу политичките партии за измени во Изборниот законик, што е обврска од Агендата за реформи.

„Навистина се надевам дека денес, бидејќи е последен ден за постигнување консензус меѓу политичките партии, ќе се постигне компромис, имајќи предвид дека политичките партии се состануваат секој ден. Затоа, навистина се надевам дека овој чекор од реформската агенда – промените во Изборниот законик – може да се постигне бидејќи станува збор за околу 4,2 милиони евра што ќе бидат искористени во корист на граѓаните на оваа земја. Навистина се надевам дека ќе се постигне консензус“, рече Рокас, како одговор на новинарско прашање по промоцијата на возила за Државниот инспекторат за транспорт купени со донација од ЕУ.

На прашањето каква е пораката за Македонија од ЕУ во услови кога денес четири земји-кандидатки отвораат и затвораат поглавја, тој рече дека се надева дека земјата многу брзо ќе може да ги започне пристапните преговори.

„Пораката е јасна, процесот на проширување е инвестиција во безбедноста, одбраната, просперитетот и конкурентноста на Европската Унија. И како што можете да видите, овој процес се развива многу брзо, ние „притиснавме гас“, за сите четири земји процесот на проширување се движи многу брзо. Искрено се надеваме дека Северна Македонија наскоро ќе може да го следи тој пат за да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Се надевам дека Македонија ќе може да го искористи тој момент за да може да ги започне пристапните преговори“, рече Рокас.

Тој додаде дека се надева дека работите ќе можат да се движат напред.

„Веќе се работи многу зад радарот, зад очите на јавноста, што не се гледа, сè со цел да се завршат работите. Се надевам дека наскоро ќе се најде решение што ќе го отвори патот за почеток на преговорите со ЕУ“, рече Рокас.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести