back to top
26.8 C
Skopje
четврток, 17 септември , 2026

Рубио: „Понудата на Иран е неприфатлива“

Други наслови

Американскиот државен секретар Марко Рубио денес изјави дека понудата на Иран за повторно отворање на Ормутскиот теснец под строги услови не е прифатлива ниту за САД, ниту за други земји.

„Она што тие го мислат со отворањето на теснецот е тој да биде отворен за пловидба, сè додека преминот низ него е координиран со Иран и се добие нивна дозвола, или ќе ве дигнат во воздух и ќе ве обвинат“, рече американскиот функционер и повтори дека САД нема да толерираат обиди за држење на меѓународните водни патишта како „заложници“.

Според Рубио , тоа не е отворање на Ормутскиот теснец , кој, патем, претставува меѓународни води.

„Тие не можат да го претстават како нормално, ниту пак ние можеме да го толерираме, систем според кој Иранците одлучуваат кој ќе го користи теснецот“, рече американскиот државен секретар во интервју за „Фокс њуз“.

Рубио истакна дека Иран е „сериозен“ во врска со постигнувањето договор со САД, но исто така изјави дека секој договор мора да вклучува спречување на Иран да развива нуклеарно оружје.

„Мислам дека се сериозни во врска со излегувањето од хаосот во кој се наоѓаат“, рече Рубио.

Тој оцени дека економските услови како што се инфлацијата, тешкотиите во исплата на плати и санкциите се влошиле во Иран од почетокот на војната.

„Сите проблеми што ги имаше Иран пред почетокот на овој конфликт се уште присутни, а повеќето од нив се уште полоши. Мораме да се осигураме дека секој договор дефинитивно ќе го спречи Иран да се стреми кон нуклеарно оружје во кое било време“, заклучи Рубио .

Претходно, Иран им презентираше нов предлог на САД за повторно отворање на Ормутскиот теснец и прекин на војната, додека нуклеарните преговори беа одложени за подоцнежна фаза, објави денес „Аксиос“, повикувајќи се на американски функционер и два извори запознаени со ситуацијата.

Новиот предлог, даден на САД преку пакистански посредници , првенствено се фокусира на решавање на кризата околу теснецот и блокадата од страна на САД.

Како дел од ова, прекинот на огнот би бил продолжен за подолг период или страните би се согласиле за траен крај на војната .

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести