Редовното вежбање може значително да помогне во намалувањето на ЛДЛ холестеролот, велат експертите. Ако неодамна сте направиле крвна слика, нивото на липопротеини со ниска густина (ЛДЛ) веројатно ви е врежано во умот. Лекарите обрнуваат големо внимание на оваа бројка, и тоа со добра причина.
„ЛДЛ холестеролот често се нарекува „лош“ бидејќи премногу од него може да се насобира во вашите артерии во форма на плака“, објаснува д-р Скот Д. Џером.
Со текот на времето, ова натрупување може да ги стесни вашите крвни садови и да го зголеми ризикот од срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни компликации. Исхраната често е во фокусот на управувањето со холестеролот, и со право. Сепак, експертите нагласуваат дека за вистински резултати, важна е уште една дневна навика: редовно вежбање.
Како вежбањето го намалува LDL холестеролот
За време на вежбањето, мускулите согоруваат повеќе енергија, а со текот на времето телото станува поефикасно во користењето на мастите како извор на енергија. Овие промени можат да влијаат на начинот на кој телото ги обработува мастите и холестеролот и да придонесат за намалување на количината на LDL во крвотокот, иако ефектот варира од личност до личност.
Редовната физичка активност, исто така, ја подобрува чувствителноста на инсулин и контролата на шеќерот во крвта. Бидејќи високиот шеќер во крвта и инсулинската резистенција се поврзани со нарушувања на метаболизмот на мастите, подобрата чувствителност на инсулин може да има корисен ефект и врз преработката на мастите и производството на холестерол во црниот дроб.

Вежбањето може да помогне и во намалувањето на хроничното воспаление. Д-р Алан Розански наведува дека ЛДЛ холестеролот и воспалението се поврзани со развојот на атеросклероза, односно натрупување на плаки во артериите, па затоа редовната активност може да ги ублажи некои од овие воспалителни механизми.
Дополнително, физичката активност може да ги зголеми нивоата на HDL, или „добар“ холестерол, што помага во транспортот на вишокот холестерол од крвотокот до црниот дроб, каде што понатаму се преработува и излачува. Сепак, самото зголемување на HDL не гарантира подобри резултати за здравјето на срцето, но редовното вежбање придонесува за поповолна целокупна рамнотежа на мастите во крвта.
Придобивките од вежбањето не се само физички. Луѓето кои почнуваат да вежбаат редовно често усвојуваат и други здрави навики, како што се подобра исхрана, подобар сон и поефикасно управување со стресот. Заедно, ваквите промени можат дополнително да помогнат во одржувањето на здрави нивоа на LDL холестерол и намалувањето на кардиоваскуларниот ризик.

Колку и како да вежбам?
За најдобар ефект, експертите предлагаат комбинација од различни активности. „И аеробните вежби, како што се брзо одење, возење велосипед, пливање или трчање, и тренингот за сила се корисни. Идеално е да се комбинираат двата вида вежбање, наместо да се фокусирате само на еден“, советува д-р Али Совари.
Препорачливо е да вежбате најмалку 150 минути неделно со умерена до интензивна аеробна активност, со два дена посветени на тренинг за сила. Доколку имате какви било здравствени проблеми, консултирајте се со вашиот лекар пред да започнете нова програма за вежбање.
Што друго помага во намалување на LDL?
Покрај редовното вежбање, здравата исхрана за срцето, со помалку заситени масти и повеќе растителни влакна, овошје, зеленчук и здрави масти, е исто така важна за намалување на холестеролот. Одржувањето здрава тежина, избегнувањето на тутунски и никотински производи и добрата контрола на крвниот притисок и дијабетесот дополнително го намалуваат ризикот за срцето и крвните садови.
Квалитетниот сон, по можност седум до девет часа секоја ноќ, е исто така важен, бидејќи влијае на метаболизмот на холестеролот. Доколку промените во животниот стил не се доволни, лекарот може да ви помогне да ги следите вашите резултати и, доколку е потребно, да препорача терапија.
