Првите триесет електрични автобуси се очекува да пристигнат во земјава во декември или јануари, додека испораката на вкупно 150 се очекува да заврши за година и пол. Поднесена е жалба, која денес беше одбиена од Второстепената комисија за жалби по јавни набавки, објави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Процесот на жалби е исто така завршен, поднесена е жалба, која денес беше одбиена од Второстепената комисија, така што овој пат процесот е целосно успешно завршен. Сега влегуваме во процес на потпишување договор и доколку рокот за испорака е шест месеци од потпишувањето на договорот, моето барање до понудувачот, кој сега ќе биде и официјален државен изведувач, ќе биде првите автобуси да пристигнат во декември или јануари. Останатите шеесет ќе пристигнат во рок од 12 месеци, а уште 60 во рок од 18 месеци. За да може целата испорака да се заврши во рок од година и пол“, изјави Николоски на „ТВ Сител“.
Откако во четврток во Владата беа потпишани договорите за инвестицискиот грант од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со кои се обезбедува финансиската структура за имплементација на третата фаза од железничката делница Крива Паланка – почетокот на прекуграничниот тунел со Бугарија, како дел од Железничкиот коридор 8, Николоски изјави дека е исклучително задоволен од динамиката на развојот на проектот и, како што рече, доколку сè оди добро, очекува интензивни градежни работи од почетокот на следната година.
