На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, претседателката Гордана Силјановска-Давкова денес во Љубљана беше примена од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.
Претседателот од Љубљана рече дека ЕУ останува не само заеднички географски, историски и културен дом за Македонија, туку и важен приоритет.
„Сакам да го нагласам ризикот од билатерализирање на процесот на проширување, особено кога е поврзан со непреговарачки идентитетски прашања. Ние не бараме привилегии, ние само бараме доследна имплементација на европското право и почитување, секако, на историскиот и културниот идентитет на народите и на достоинството и интегритетот на поединците“, рече Силјановска-Давкова.
По средбата со својот домаќин, словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, Силјановска-Давкова истакна дека ЕУ го персонифицира единството во различноста и останува инспиративна филозофија.
„Во врска со нашата европска интеграција, повторив дека остануваме посветени. За мене, интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко прашање, туку и безбедносно прашање. Реториката не е доволна за да се стане отпорен на странски влијанија, бидејќи сите знаеме дека не постои политички вакуум што некој нема да се обиде да го пополни или да влијае. И уште нешто, Балканот отсекогаш бил еден вид лакмус тест за мерење на силата на важните актери.
„Имаме надворешна и безбедносна политика 100 проценти усогласена со онаа на ЕУ и заслужуваме, низ призмата на Копенхашките критериуми, да покажеме и докажеме зрелост и интерес за европскиот пат“, нагласи Силјановска-Давкова, изразувајќи благодарност за поддршката што Македонија ја добива од Словенија на патот на европската интеграција.
