„Да се европеизираме по патот, да станеме компатибилни со она што го бараат Копенхашките критериуми. Како? Без да губиме време решавајќи историски прашања затоа што се исклучени од идентитетот, од уставните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитува националниот и културниот идентитет, и да се фокусираме на европеизацијата“, нагласува претседателката Гордана Силјановска-Давкова во интервју за МИА.
Во врска со прашањето за нејзината порака од Бугарија, каде што учествуваше на самитот на шефовите на држави и влади на ПСЈИЕ, дека процесот на проширување на ЕУ треба да се базира на Копенхашките критериуми, таа одговори дека европскиот конституционализам не може да преживее ако не ги почитува сопствените вредности.
„Член 2 од Договорот за ЕУ повикува на почитување на достоинството, слободата, еднаквоста, демократијата, владеењето на правото, човековите права, вклучувајќи ги и правата на малцинствата. Ова е нешто што е директно поврзано со Копенхашките критериуми од 1993 година – вели претседателката Гордана Силјановска Давкова и додава дека член 49 од Договорот за ЕУ се повикува на овој член кога вели дека нивното исполнување е услов, и тоа не само политички услов, туку и правен услов за членство.“
Уште поважно, можеби најважно за нашиот случај, како што рече таа, е член 4, став 2, „нешто што ние во уставното право го нарекуваме клаузула за национален идентитет, бидејќи јасно наведува дека Унијата ќе ја почитува рамноправноста на сите членови, не само на оние во неа, туку и на оние што сакаат да се приклучат“.
„Зошто? Затоа што се однесува на националниот идентитет, културниот идентитет и, најважно од сè – својствени за основните политички и уставни структури на државата“, додаде претседателот.
