back to top
10.8 C
Skopje
петок, 9 октомври , 2026

Судијата Ѓоко Ристов се изјасни за невин за 350.000 евра пронајдени во ѕид

Други наслови

Во Основниот кривичен суд во Скопје започна судењето на суспендираниот апелациски судија Ѓоко Ристов, обвинет во случајот со 350.000 евра пронајдени скриени во ѕид од неговата семејна куќа во Неготино. На почетокот на рочиштето, Ристов изјави дека не се чувствува виновен за кривичните дела за кои е обвинет.

Според обвинението, во домот на неговите родители биле откриени непријавени и неевидентирани парични средства, спакувани во 13 пакети и скриени во шуплини во кујнскиот ѕид. Обвинителството тврди дека средствата немаат законско потекло и дека биле скриени.

Случајот произлезе од истрагата против поранешниот државен обвинител и адвокат Фехми Стафа, кој беше уапсен додека примаше 50.000 евра. Во текот на постапката, тој посочи дека парите биле наменети за посредување кај судијата Ристов за укинување на мерката притвор.

Обвинителката Искра Хаџи Василева во воведниот збор изјави дека Обвинителството ќе ги докаже кривичните дела перење пари и злоупотреба на влијание. Таа нагласи дека станува збор за значителен износ, кој според обвинението не може да се оправда со легални приходи.

Од друга страна, одбраната тврди дека на обвинението му недостасуваат цврсти докази. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ оцени дека случајот е изграден врз претпоставки и најави дека ќе се докаже дека парите им припаѓале на родителите на Ристов и дека нивниот имот е стекнат по законски пат.

Ристов, кој претходно работеше како судија во Кривичниот суд долги години, за прв пат се соочува со обвинение и судење како обвинет.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести