Министерството за правда на САД објави дека ќе продолжи со употребата на смртоносна инјекција и стрелање во федералните егзекуции, во согласност со напорите на администрацијата на Трамп за зајакнување на употребата на смртна казна.
Министерството за правда соопшти дека ќе го врати протоколот за смртоносна инјекција што се користеше за време на првата администрација на Трамп и ќе го прошири на дополнителни методи на егзекуција, вклучително и стрелање.
Во соопштението се наведува дека ќе бидат поедноставени и внатрешните процедури со цел да се забрзаат случаите на смртна казна.
Според министерството, овие мерки се „клучни за спречување на најварварските злосторства, за спроведување на правдата за жртвите и за обезбедување на утеха на преживеаните членови на семејствата што им беше одземена предолго“.
Документот, исто така, го нагласува ставот дека употребата на пентобарбитал инјекција, дрога што се користи при егзекуции со инјекција, според нив, не претставува кршење на забраната од Осмиот амандман за сурово и невообичаено казнување.
Претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба на првиот ден од неговиот втор мандат со која се наложува смртна казна да се бара „за сите кривични дела чијашто сериозност го бара тоа“.
Со декрет, тој побара од државниот обвинител да бара смртна казна во случаи на убиства на полицајци и за најтешките кривични дела извршени од нелегални имигранти во Соединетите Американски Држави.
За време на неговиот прв мандат, Трамп ги обнови федералните егзекуции по пауза од речиси две децении. Наследникот Џо Бајден воведе мораториум на егзекуциите во 2021 година за да ги преиспита политиките и процедурите.
На крајот од својот мандат, Бајден помилува 37 од 40-те федерални затвореници кои се соочуваа со смртна казна, заменувајќи ги нивните казни со доживотен затвор без можност за условна слобода.
