Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека неговата администрација поставила рок до следниот четврток за Украина да се согласи со планот од 28 точки на Белата куќа за прекин на војната со Русија, објави Си-Ен-Ен.
„Имав многу рокови, но ако работите одат добро, имате тенденција да ги продолжувате роковите. Но, четврток е крајниот рок“, рече претседателот во интервју за радио „Фокс њуз“.
Што предвидува мировниот план?
Планот на администрацијата, според нацрт-документот што го виде Си-Ен-Ен, предвидува Киев да отстапи територија на Русија, како и „де факто“ признавање од страна на САД на Крим и другите украински територии што Кремљ ги насилно ги зазеде. Од Украина, исто така, ќе се бара да ја ограничи големината на својата војска.
Многу од овие идеи веќе беа отфрлени од Украина и европските претставници за време на претходните преговори, сметајќи ги за значајни отстапки кон Русија.
Санкциите остануваат на сила
Трамп беше прашан и од „Фокс њуз“ дали планира да ги повлече санкциите што неговата администрација ги воведе врз Русија, на што тој одговори дека не планира да го стори тоа.
„Не правам ништо што има врска со укинување на санкциите“, додаде претседателот.
Тој рече дека рускиот претседател Владимир Путин не бара уште една војна и дека трпи казна.
