Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди на алармантната состојба со буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Филипче нагласи дека дупката во Пензискиот фонд се дуплирала за две години и достигнала една милијарда евра, што ја става владата во опасност за исплата на пензиите.
„Дупката во Пензискиот фонд, која се дуплираше за две години, од 500 милиони евра, сега е една милијарда евра, една милијарда евра недостасуваат за исплата на пензии. Државата мора да ги обезбеди. Кога економијата не функционира, каде ќе ги најде парите? Од кредити“, рече Филипче.
Тој додаде дека дефицитот во централниот буџет исто така постојано се продлабочува, а единствениот извор за буџетот да ги сервисира своите обврски ќе биде скапото задолжување, со кое владата свесно ја турка земјата во уште подлабока економска криза.
„Единствениот извор на средства се само скапи кредити, скапи кредити што ќе ги пополнат празнините во буџетот, за исплата на плати, за исплата на пензии. Не скапи кредити што ќе придонесат за каков било економски раст. И ние одиме сè подлабоко и подлабоко во дупката. Ризикуваме да завршиме со економска криза како Грција пред неколку децении. Ова е неизбежно. И ова е она што го нагласуваат економистите“, рече Филипче.
Во овој контекст, Филипче предупреди дека изолационистичката политика на владата дополнително го зголемува ризикот за економијата, бидејќи со отстапувањето од европскиот пат, ќе има сè помалку можности за европско финансирање.
