Помина цела недела од трагичниот настан во Кисела Вода во кој загина работник, а неколкумина беа тешко повредени. Сѐ уште нема никаква одговорност, ниту конкретна акција од институциите, изјави Јон Фрчкоски – член на Извршниот одбор на СДСМ.
Според него, воопшто не е случаен овој молк туку е доказ дека криминалната власт и нејзините бизнис партнери се подготвени да газат преку се, само да продолжат да се богатат.
„Трагедијата во Кисела Вода е последица на коруптивен систем во кој профитот е поважен од животот. До кого доаѓаме? Кој стои зад овој објект? И како е поврзан со Орце Ѓорѓиевски? Инвеститорот е фирмата „Нар инвестмент“ зад која стои Ивица Коневски, поранешен функционер и градоначалник на на ВМРО-ОКГ. Близок до Орце Ѓоржиевски, кој беше ангажиран и како адвокат во општината Кисела Вода кога Орце беше градоначалник“, рече Фрчкоски.
Тој прашува како е можно Коневски, кој истовремено ја ужива довербата на Општина Кисела Вода како нивен адвокат, истовремено да биде правен застапник на општината и главен инвеститор во нејзината територија?
„Ова е класичен пример на конфликт на интереси и институционална корупција која цвета под чадорот на ВМРО. Ако се пголеднат трансакциите од буџетот на Општина Кисела Вода кон адвокатската канцеларија на Коневски, во 2025 година достигнувале суми од над 70.000 денари. Како е можно истите луѓе да бидат дел од системот на општината и истовремено да профитираат од одлуки на општината? Затворен круг на бизнис и политика. Класична шема на ВМРО. Тендерите и бизнисите одат кај своите“, рече Фрчкоски.
Тој истакна дека СДСМ бара итна, независна и темелна истрага за целиот случај, проверка на сите дозволи, надзори и услови за работа на градилиштето, да се одговори како е дадена дозволата, односно одобрението за градба и утврдување на точната улога на Орце Ѓорѓиевски и Ивица Коневски.
