back to top
13.8 C
Skopje
среда, 28 октомври , 2026

Што се случува со црниот дроб кога јадеме премногу сол?

Други наслови

Прекумерното внесување сол е познат фактор на ризик за висок крвен притисок, но ново истражување открива дека исхраната богата со натриум може директно да му наштети на црниот дроб. Научниците предупредуваат дека солта може да го промени начинот на кој црниот дроб ги обработува мастите, да предизвика воспаление и да го зголеми ризикот од сериозни заболувања на црниот дроб. Иако се потребни повеќе истражувања, научниците советуваат претпазливост со внесувањето сол за да се зачува здравјето и функцијата на црниот дроб, пишува Verywell Health.

Како солта влијае на црниот дроб

Иако бубрезите се првенствено одговорни за преработка и регулирање на натриумот, количината на консумирана сол влијае и на други органи, вклучувајќи го црниот дроб, срцето и мозокот.

„Бубрезите контролираат колку натриум задржува телото, но тоа не значи дека црниот дроб е заштитен“, објаснува д-р Брајан П. Ли, хепатолог и лекар за трансплантација на црн дроб во „Кек Медисин“ во Лос Анџелес.

„Натриумот влијае на крвниот притисок, рамнотежата на течностите, инсулинската резистенција и цревната микробиота, што претставува различно оптоварување на црниот дроб.“

Неодамнешна студија покажа дека исхраната богата со масти и натриум може да го зголеми воспалението и лузните во црниот дроб. Воспалението и лузните се клучни фактори на ризик за развој на посериозни состојби како цироза, откажување на црниот дроб и рак.

„Ова е важно бидејќи мастите во самиот црн дроб се претежно безопасни. Воспалението што ги придружува мастите всушност предизвикува лузни, што доведува до цироза, откажување на црниот дроб и рак“, вели Ли.

Сепак, Ли предупредува дека овие наоди не треба да се земаат здраво за готово бидејќи истражувањата врз луѓе сè уште се во тек.

,,Ова беше студија на глувци, па затоа би бил внимателен во директното пренесување на заклучоците врз луѓето. Многу наоди од глувци не се потврдени кога се тестирани на луѓе“, додава тој.

Истражувањето сугерира дека премногу сол може да придонесе за воспаление и лузни, дури и ако не предизвикува дополнително акумулирање на маснотии.

„Ова откритие ми го привлече вниманието бидејќи многу наликува на она што го гледаме кај некои слаби пациенти кои не се со прекумерна тежина, но имаат полоши исходи со метаболички поврзана стеатотична болест на црниот дроб (MASLD)“, вели Ли.

Влијанието на солта врз постоечките заболувања на црниот дроб

Ново истражување сугерира дека солената храна може да предизвика воспаление и лузни, што го зголемува ризикот од заболување. Но, што се случува ако лице кое веќе има заболување на црниот дроб јаде многу натриум?

Одговорот зависи од видот и стадиумот на болеста. MASLD е состојба каде што вишокот маснотии се натрупува во црниот дроб кај луѓе кои пијат малку или воопшто не пијат алкохол.

,,Во раните фази на MASLD, главниот проблем е што солта може да предизвика висок крвен притисок и воспаление. Ова теоретски го забрзува напредувањето на болеста“, вели Ли.

Како што болеста напредува или лицето има посериозна состојба како цироза, ефектите од исхраната богата со натриум стануваат уште поизразени.

„Со цироза, може да има зголемен притисок во крвните садови што водат до црниот дроб, што се нарекува портална хипертензија“, објаснува Ли.

„Во оваа фаза, солта станува особено штетна бидејќи предизвикува насобирање течности во абдоменот и низ целото тело.“

Задржувањето на течности може да предизвика симптоми како што се силна надуеност или оток на нозете. Ли вели дека во такви ситуации, лекарите ги предупредуваат пациентите на строга диета.

„Затоа им советуваме на пациентите со цироза и задршка на течности да консумираат помалку од 2.000 милиграми (мг) натриум дневно“, додава тој.

За споредба, просечниот возрасен консумира околу 3.400 мг натриум дневно.

„Вообичаената препорака е под 2.300 мг дневно, додека идеалното е да биде поблиску до 1.500 мг“, објаснува Ли.

Како да го намалите внесот на сол и да го заштитите црниот дроб

Ако сте загрижени за внесот на натриум, неколку едноставни промени во животниот стил можат да направат значајна разлика. Добро место за почеток е со следење на храната што моментално ја јадете.

„Многумина изненадуваат што лебот е најголемиот извор на натриум во исхраната“, вели Ли.

„Следно се сувомеснатите производи, сирењата, пакуваните супи, сосовите за тестенини, преливите за салати, соја сосот, киселите краставички и повеќето ресторански оброци.“ Ли, исто така, објаснува дека дури и храната што ја сметаме за „здрава“ може да биде богата со натриум, како што се урдата, зеленчуковите сокови и конзервираниот грав.

На телото му е потребна одредена количина на натриум за правилно функционирање, а најдобро е да го внесувате од интегрална храна.

„Свеж зеленчук, овошје, несолени јаткасти плодови, јајца, свежо месо, риба и обични млечни производи, сите природно содржат мали количини на натриум, што е повеќе од доволно“, вели Ли.

„Со оглед на тоа колку сол има во рестораните и преработената храна, готвењето дома со свежи состојки може да биде многу ефикасна промена.“

Други навики, како што се контролирање на внесот на алкохол, вежбање и редовни прегледи, се исто така важни.

,,Колку помалку алкохол пиете, толку подобро, бидејќи не постои безбедна количина за вашиот црн дроб“, вели Ли.

„Ако имате фактори на ризик како дијабетес, дебелина или прекумерно пиење, прашајте го вашиот лекар за скрининг за фиброза на црниот дроб. Болеста на црниот дроб се лекува ако се открие рано.“

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести