Џорџина Родригез се појави на Мет Гала во креација од Лудовико де Сен Сернин, со бројаница што ја дизајнирала самата, а чија вредност се проценува на седум милиони евра.
Родригез пристигна во Метрополитен музејот во Њујорк во издание дизајнирано од стилистката Алба Мелендо, додека фустанот беше потпишан од белгискиот дизајнер Лудовик де Сен Сернин.

Во согласност со овогодишната тема „Модата е уметност“, тимот на Џорџина Родригез изјави дека инспирацијата дошла од нејзината посветеност на Богородица од Фатима.

Рачно изработен во Париз, фустанот се одликуваше со структурирана силуета слична на корсет, со рачно насликани детали и чипка во нијанси на светло сина боја. Комбинацијата беше комплетирана со превез, а во самата креација беа скриени две рачно везени пораки на шпански јазик: „Каде е таа, душата наоѓа засолниште“ и „И избави нè од злото, амин“.
Де Сен Сернин изјави за „Вог Еспања“ дека стилот на Џорџина го освоил уште од првата средба: „Во неа гледам природна елеганција и тивка сензуалност“.

Тој додаде дека работата на фустанот била „вистинска соработка, рамнотежа помеѓу нејзината и мојата визија“ и дека првичната идеја дошла по разговор за нејзината посветеност на Девицата од Фатима.
Посебно внимание привлече и бројаницата, која, според текстот, е дизајнирана од самата Џорџина Родригез. Изработена е од 18-каратно бело злато, содржи пет природни бисери, 53 дијаманти на ланецот и 11 дијаманти на крстот, додека медалјонот носи приказ на Богородица од Фатима и врежани имиња на членови на семејството. Вредноста на ова парче накит се проценува на седум милиони евра.

Стилот беше надополнет со сребрени платформи Le Silla и комплет накит Chopard, во кој се издвојуваше дијамантот „Кралицата од Калахари“. Креативниот тим на Џорџина Родригез изјави дека комплетот ги комбинира личната верба и врвната изработка во целина во која модата носи и визуелно и симболично значење.
