Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција изјави дека Македонија се соочува со многу важен момент за својата иднина, во време кога Европската Унија го отвори повторно процесот на проширување како клучен геостратешки приоритет.
Таа предупреди дека земјите во регионот како што се Црна Гора и Албанија веќе постигнуваат сериозен напредок и нагласи дека ако ја пропуштиме оваа шанса за членство во ЕУ, ризикуваме да станеме слепо црево на Балканот.
„Ако не се качиме на овој европски воз сега, вратите би можеле да останат затворени со децении. Ако останеме надвор од процесот, нема да бидеме дел од новите европски буџетски рамки, нема да имаме пристап до фондови за развој и ќе продолжиме да тонеме во сиромаштија и несигурност“, рече Кузеска.
Портпаролот на СДСМ вели дека најголемата цена на изолацијата, корупцијата и партиските институции на крајот ќе ја платат помладите генерации со најнизок животен стандард во Европа.
Од овие причини, СДСМ упати директен апел до премиерот да најдат заеднички јазик за стратешките прашања.
