Претседателката Гордана Силјановска-Давкова потврди дека во среда во Софија ќе се сретне со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, во рамките на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Претседателката вели дека средбата е природно продолжение на нивната претходна комуникација во Ереван и дека очекува разговорите да опфатат и суштински прашања во односите меѓу двете земји.
„Нема нерешлив проблем“, рече Силјановска-Давкова, нагласувајќи дека клучот за надминување на разликите лежи во меѓусебната комуникација, соработката и заедничкото учество во проекти од заеднички интерес.
Таа, исто така, се потсети на својата прва средба со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, кога вниманието на јавноста беше насочено кон инцидентот со знамето, додека пораките за потребата од поблиска соработка меѓу двете земји останаа во втор план.
„Сите ние што бевме присутни на работниот ручек слушнавме говор за потребата од соработка во многу области во кои заедно би постигнале подобри резултати и повеќе успеси. Само така можеме да се однесуваме чесно и со добри намери, без меѓусебни навреди и повредувања, внимателно одмерувајќи ги нашите зборови“, рече Силјановска-Давкова.
