Американскиот претседател Доналд Трамп се судри со министерот за одбрана Пит Хегсет откако дозна за сериозен недостиг на ракети и муниција во арсеналот на Соединетите Американски Држави, објави „Вашингтон пост“ .
Според две лица запознаени со разговорот, судирот се случил минатиот петок во Кемп Дејвид, на маргините на состанокот на американскиот кабинет. Трамп побарал објаснувања од Хегсет зошто Белата куќа не била правилно информирана за состојбата на воените резерви, пишува Телеграф.
Трамп наводно му рекол на Хегсет дека верува оти проблемот со недостигот на муниција веќе е решен. Загриженоста се однесува главно на наведуваните ракети со долг дострел и пресретнувачите на воздушна одбрана, чиј недостаток ги ограничува опциите на Вашингтон за нови воени операции против Иран.
За време на дискусијата, Хегсет наводно се бранел префрлајќи ја вината на својот заменик, Стивен Фајнберг, кого го обвини дека не обезбедил претседателот да биде целосно информиран за ситуацијата.
Судирот сигнализира растечко незадоволство на Трамп од секретарот за одбрана, кој, според американскиот весник, бил меѓу главните поддржувачи на преземање воена акција против Иран и ја претставил операцијата како брза и релативно лесна победа.
Белата куќа категорично ги негираше обвинувањата. Портпаролката Каролин Ливит го нарече извештајот „целосно лажен“, нагласувајќи дека Трамп продолжува да има целосна доверба во Хегсет.
Пентагон, исто така, негираше дека Хегсет дал неточни информации или дека го обвинил својот заменик. Портпаролот Шон Парнел изјави дека тврдењата за исцрпени резерви, внатрешни несогласувања и ставот на Хегсет кон Иран се неточни.
