Македонската армија поминува низ интензивен период на модернизација, што вклучува снабдување со модерна воена опрема, системски реформи и нов Колективен договор, подобрени услови за работа и повисок стандард за сите нејзини припадници. Ова го истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски, нагласувајќи дека сите овие системи што се набавуваат, целата набавка, модернизација, но и обука и вежби „се на високо ниво, рамо до рамо со сите земји-членки на НАТО“.
Во однос на стандардот на вработените, министерот најави зголемување на платите од почетокот на следната година и трајно решение за статусот на професионалните војници.
„Од 1 јануари сите ќе бидат задоволни, предвидуваме средства во новиот буџет за зголемување на платите во Армијата. Очекувам дека следната недела ќе имаме ревидиран текст на Колективниот договор со сите синдикати. Секој војник што ќе наполни 45 години ќе има можност да остане во Министерството за одбрана, да замине во друга институција во земјата или да добие надомест за раскинување на договорот за вработување“, рече Мисајловски.
Тој нагласи дека сите поголеми договори за модернизација се спроведуваат паралелно, вклучително и набавката на хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“.
„До крајот на годината треба да пристигнат два авиона, исто толку следната година, а до крајот на договорот треба да пристигнат осум авиони. Кога го презедов раководството на Министерството, имаше само еден хеликоптер во функција, додека сега го пуштаме во употреба третиот. По десет години запоставување, го реновираме и Центарот за обука на пилоти во Петровец, каде што ќе произведуваме нов пилотски и технички персонал преку нови оддели во Воената академија“, нагласи Мисајловски.
